Новинарскиот синдикат бара да се открие кој ѝ се заканува на екипата на ИРЛ

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудува заканите кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) испратени во последните неколку дена. Според пријавата до ССНМ, заканите биле упатени кон новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска веднаш по објавувањето на сторијата во која се истражувани постапките при градежните активности во населбата „Тафталиџе“ во Скопје.
„Јовановска на својот телефон добила низа пораки од бизнисменот Зоран Азманов во кои тој се обидува да „изигрува уредник“ и да ѝ дава насоки како требало да се пишува за градежните активности. Според колегите од ИРЛ, тој продолжил со заканувачки и клеветнички пораки и по реакцијата на главната и одговорна уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска која на Азманов му посочила дека несоодветно се однесува, дека врши притисок и го упатила ако има забелешки да ги достави до новинарските здруженија“, се наведува во соопштението на ССНМ.
Освен пораките од Азманов, од новинарскиот синдикат велат дека Јовановска добивала и повици од непознат број при што ѝ биле пуштани звуци од експлозија. Тие го повикуваат Министерството за внатрешни работи, како и другите соодветни институции, да ги преземат сите соодветни мерки за пронаоѓање на сопственикот на телефонскиот број, како и да го повикаат бизнисменот Азманов да објасни зошто испраќал недолични пораки, закани и клевети кон новинарката.
„ССНМ смета дека безбедноста на новинарите е од исклучително значење за демократските процеси во Македонија и дека без решавање на ваквите случаи новинарите и медиумските работници нема да можат да работат слободно и професионално“, истакнуваат од Новинарскиот синдикат.
И од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера остро ги осудија заканите упатени кон екипата на ИРЛ и побараа од МВР и од Јавното обвинителство да се заангажираат за расчистување на овие закани и пронаоѓање на лицето коешто се заканувало на новинарката Маја Јовановска.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.