Од „молк на управата“ и понатаму најмногу се жалат барателите на информации од јавен карактер

Граѓаните, новинарите, невладините организации и сите други баратели на информации од јавен карактер и понатаму најчесто се жалат до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер поради „молчење на управата“. Дури 163 од вкупно 222 жалби поднесени до Агенцијата во првите шест месеци од 2020 година се поради непостапување на имателите на информации по нивните барања во законските рамки од 20 дена по добивањето на барањето, односно 30 дена доколку барањето содржи обемна информација.

Во првото полугодие од годинава има незначително намалување на бројот на поднесени жалби, поаѓајќи од фактот дека лани во првите шест месеци биле доставени 235 жалби. Сепак, „молкот на управата“ останува главен проблем за барателите на информациите. Агенцијата започна со обуки на службениците за навремено давање одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, при што до крајот на годинава ќе се одржат вкупно 20 обуки, од кои 8 ќе бидат онлајн, за оспособување и едуцирање на службените лица во институциите – иматели на информации.

Од Агенцијата за „Мета.мк“ велат дека во првите шест месеци од годинава можеле да препознаат 15-тина од вкупно 222 жалби што биле доставени од новинари или новинарски асоцијации, а најголемиот дел од нив се жалеле поради непостапувањето на имателите на информации по нивните барања во законски пропишаните рокови, иако жалбите на новинарите и медиумските куќи во споредба со другите баратели на информации содржински се разликувале.

„Агенцијата, постапувајќи согласно своите надлежности наведени во член 30 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, го запазуваше и ќе го запазува рокот наведен во член 27 став 2 од истиот, односно по сите жалби (вклучително и нивното електронско препраќање до имателите на информации, за нивно произнесување по истите) постапи во рок од 15 дена од нивното доставување од страна на жалителите“, информираат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.