Одговорните во националните телевизии ниту го демантираат ниту го потврдуваат бојкотот на Владата

Одговорните лица во националните телевизии, ниту ја потврдуваат ниту категорично ја демантираат информацијата дека ги бојкотираат настаните во организација на владата и министерствата. Во телефонската комуникација со неколку директори и уредници на национални телевизии, Мета не доби конкретен одговор на прашањата дали се случува ваков организиран бојкот на владините настани, и ако да, од кои причини се прави тоа.
Директорот и главен уредник на „Телма“, Атанас Кировски, во телефонски разговор не сакаше да коментира, туку само кратко ни рече „Немам ништо што да кажам на таа тема“.
Сличен краток одговор добивме и од директорот на „Канал 5“ Иван Мирчевски, кој преку смс порака само напиша „бог да чува“.
Од друга страна, пак, главниот и одговорен уредник на „Алсат-М“, Адмир Ќосе, вели дека не постои таков бојкот. На прашањето дали „Алсат-М“ ги бојкотира прес-конференциите на Владата и зошто, Адмир Ќосе, преку кратка смс порака накратко одговори „Не, слободно гледајте ги вестите и емисиите“.
И вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги Зоран Трајчевски денеска одговарајќи на новинарско прашање посочија дека медиумите имаат право да одлучат како ќе известуваат.
– Се надеваме на добра соработка, особено во овој предизборен период, кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука – рече Османи.
Трајчевски, пак, посочи дека ААВМУ „не може да биде уредник на било кој медиум“ и не смее да се меша во уредувачката политика.
– Медиумите треба да го намалат влијанието на владините функционери, бидејќи сведоци сме дека последниве денови има зголемен број на активности, а голем дел од нив немаат суштина, туку се пара-настани, кои се креираат само за да бидат присутни во медиумите. И медиумите сами оценуваат што од тоа е вистински настан и за што да ги информираат граѓаните – вели Трајчевски.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.