Саморегулацијата на порталите тема на најновиот број на публикацијата „Новинарството како јавно добро“

Темата „Регулација наспроти саморегулација“ е обработена во декемвриското издание на публикацијата „Новинарството како јавно добро“, која што ја издава Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Во анализата на авторката Антоанела Димитриевска се вкрстуваат мислењата на новинарската фела во врска со саморегулација на македонскиот интернет простор.
Преку анализа на ставовите на медиумски експерти, новинари и уредници се укажува дека саморегулацијата може да го намали влијанието на државата врз македонските медиуми.
Во најновиот број на публикацијата „Новинарството како јавно добро“ е објавена Повелбата на Европската федерација на новинари за условите на работа на новинарите, како и Повикот за почитување на слободата на печатот и новинарската независност во Европа.
Во публикацијата е поместен и текст што дава совети за работењето на слободните истражувачки новинари. Објавени се и текстови за глобалниот пад на слободата на интернет и за опаѓањето на слободата на изразување во последните 10 години, како и преземеното интервју со Хендрик Ситиг во кое тој говори за политичките влијанија во јавните радиодифузни сервиси во земјите од Југоисточна Европа.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.