Селмани: Правдањето на Владата дека нема пари за МРТВ е неубедливо и несериозно

За Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е неприфатливо тврдењето на Владата дека нема пари за финансирање на МРТВ со еден отсто од државниот буџет, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Здружението неодамна ги достави своите забелешки за измените и за дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од кои главната забелешка е процентот на финансирање на „Македонската радиотелевизија“, кој, според Владата, треба да биде 0,7 отсто од државниот буџет, а ЗНМ бара таа сума да биде 1 отсто или околу 25 до 30 милиони евра, годишно.

– Ние сметаме дека околу 25 до 30 милиони евра се доволни за почеток „Македонската радио-телевизија“ да има оптимум средства на располагање за да може да се поврати, затоа што очигледна е стратегијата на партиите, не само на претходната власт, туку и пред тоа, да се умртви МТВ, а да се игра со приватните телевизии за полесно да се контролира или да се манипулира јавното мнение. На сегашната власт, на која лани кога беше во опозиција не ѝ пречеше еден отсто од буџетот, сега го намалуваат на 0,7 отсто – вели Селмани.

Тој истакнува дека ќе ги направат сите напори да ја убедат Владата дека еден отсто е оптимумот за почеток за финансирањето на МТВ.

– Единствен аргумент со кој Владата се бори во ова е дека немаат пари, што за мене како оправдување е неубедливо и несериозно. Ние како Здружение нема да дозволиме и ќе бидеме отворени и за домашната и за меѓународната јавност дека ваквото однесување на Владата е неприфатливо. Со 0,7 отсто од буџетот МТВ нема да биде ниту независна ниту професионална и таа оценка ќе ја слушне и македонската и меѓународната јавност – нагласи Селмани.

Според претседателот на ЗНМ, зајакнувањето на капацитетите на МРТВ ќе доведе и до зголемување на платите на новинарите, од кои речиси половината сега земаат плата под просечниот личен доход во земјава.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.