Кршењето на авторските права на новинарите, фоторепортерите и снимателите од страна на медиумите ќе биде предмет на правна помош и заштита од страна на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), беше соопштено на денешната прес конференција на Синдикатот.
– Авторските права мора да се почитуваат и медиумите да престанат да бидат учесници во нивното кршење, бидејќи тие се заштитени и од етички аспект и со закон. Почитувањето на авторските права е темелна вредност. Непочитувањето е еден од поголемите прекршоци и според Меѓународната федерација на новинарите. Згора на се, тие се заштитени и со Законот за авторски права и со Кривичниот законик – потенцираше претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис.
Секој оној новинар, фоторепортер или снимател кој во иднина ќе се обрати до Синдикатот со мислење дека неговите авторски права во медиумите се прекршени ќе добие правна помош во судски процес, објаснија на прес-конференцијата.
– Фотографијата, видеото, колумните, коментарите, ставовите, анализите и други новинарски форми се заштитени со закон и често се предмет на недозволено преземање во други медиуми. Веста, т.е. информацијата во веста не потпаѓа под правна заштита, но препишувањето на веста, т.е. копи-пејстирањето ќе биде исто така предмет на заштита, но во тој случај ќе бидат поднесувани претставки до Советот за етика на медиумите во Македонија – додаде Чаусидис.
На прес конференцијата беше посочено дека најчести прекршувачи на авторските права во медиумите се онлајн порталите, но дека не ретко тоа го прават и традиционалните медиуми, пред се телевизиите. Притоа, главно на удар се фотографиите па авторските текстови.
Роберт Атанасовски, член на раководството на ССНМ посочи дека постојат невработени фоторепортери, а во најава е формирање на фото-агенција и дека на медиумите ќе им биде поевтино во иднина да ги користат законските форми, отколку нелегалното преземање кое го руши во крајна линија и пазарот, т.е конкуренцијата, а го омаловажува и трудот.
– Фоторепортерот може некогаш да ја направи фотографијата за пет минути, а некогаш и за пет часа, често стоејќи и на невреме на местото на настанот. Ќе ја објавите на својот медиуми и кога ќе видите после пет минути дека и фотографијата и веста се преземани на други сајтови, за каква конкуренција на пазарот ние зборуваме и за какво почитување на трудот и на авторските права – вели Атанасовски.
Од ССНМ посочија дека тие нема да ги мониторираат медиумите туку дека ќе постапуваат и ќе обезбедуваат правна помош само доколку новинарите и фоторепортерите или снимателите им се обратат со мислење дека нивните авторски права се прекршени.