ССНМ, ЗНМ и ААВМУ го осудија говорот на омраза на пратеникот Апасиев кон новинарките, тој се закани со тужба кон Јордановска

Лидерот на политичката партија „Левица“, Димитар Апасиев јавно, преку својот Фејсбук профил, упати закана за тужба кон новинарката Мери Јордановска, за „неовластено објавување личен запис (смс кореспонденција)“. Ваквите закани од пратеници и членови на парламентот кон новинари претставуваат директен и брутален притисок врз слободата на говорот и слободната новинарска мисла.

Апасиев упати и навреди кон новинарките на „А1он“, Јордановска и Габриела Димковиќ-Мишевска, нарекувајќи ги „сороспии“, „курирци“, „провладини новинари“ поради објава на текст со наслов „Апасиев молчи за парите кои ѝ следуваат на Левица, не кажува дали ќе се откаже во корист на работничката класа.“

Лидерот на Левица, по СМС порака бил запрашан „дали неговата партија ќе ги задржи или донира парите што ќе ги земе со изгласаните измени на Законот за финансирање на партиите,“ но не одговорил конкретно на прашањето, по што продолжил со навреда кон новинарките Јордановска и Димковиќ Мишковска на социјалните мрежи.

Новинарските здруженија го осудија ширењето омраза и нетрпеливост од страна на Апасиев кон новинарите.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) оценуваат дека овие негови написи содржат елементи на говор на омраза и истовремено отвораат простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите и медиумските работници, што пак, многу често може да заврши и со насилство кон нашите колеги.

„Потсетуваме дека поттикнување омраза е казниво дело според Кривичниот закон и ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да ги преземат соодветните дејствија. Кога поттикнувањето на говор на омраза доаѓа од јавни личности, кои како во случајов извршуваат една од најзначајните функции во едно демократско општество тежината на искажаниот збор е уште поголема и затоа апелираме ваквите напади кон новинарите и медиумските работници да престанат. Избраните и именуваните функционери кои добиваат плата од парите на граѓаните мора да внимаваат како комуницираат со јавноста, односно со медиумите, без оглед на тоа дали им се допаѓа или не уредувачката политика на медиумите,“ се вели во реакцијата на ССНМ.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), исто така ја осуди непримерната јавна комуникација со елементи на омраза на актуелниот пратеник и лидер на политичка партија.

„Преку ваквата непримерна комуникација освен обидот за јавна дискриминација на новинарката Димковиќ, нејзината уредничка Мери Јордановска и медиумот во кој тие работат, пратеникот Апасиев јавно провоцира и други лица да споделуваат погрдни зборови но и закани упатени кон колешките и овој медиум. Фактот што овие закани како и говорот со елементи на омраза остануваат како одговор на претходната објава на пратеникот Апасиев, истите можат да поттикнат дополнителна омраза но и насилство кон новинарите,“ се вели во реакцијата на ЗНМ.

Од таму потсетуваат дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години.

„ЗНМ за овој инцидент ќе поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и ќе бара да се преземат дополнителни мерки од страна на МВР за овој случај. Ова не е прв пат пратеникот Апасиев јавно да се пресметува со новинари и медиуми за кои не му се допаѓа како известуваат. За потсетување, минатиот месец, ЗНМ поднесе претставка за прекршување на етичкиот кодекс на пратеници до Собранието на РСМ поради јавното омаловажување на пратеникот Апасиев кон новинарот Боби Христов од ТВ Телма,“ велат од ЗНМ.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги велат дека „имајќи предвид дека медиумите се еден од стожерите на демократијата и како такви треба да бидат ослободени од секаков вид на притисоци и закани, сите, а особено политичарите и носителите на јавни функции треба да се воздржат од омаловажување, дискредитирање и етикетирање на новинари.“

„Надзорот на јавноста е еден од темелите на слободата на политичка дебата и носителите на функции може да бидат предмет на силна јавна критика преку медиумите поради што, тие, наместо да користат непримерна комуникација треба да бидат свесни за за тежината и одговорноста за секој искажан збор,“ велат од ААВМУ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.