Промена на сите сегашни ограничувања за концентрација на медиумската сопственост, како и процена кои од ограничувањата треба да останат во актуелното медиумско опкружување со цел да се заштити медиумскиот плурализам во земјава.
Ова е клучна препорака на двајца медиумски експерти, кои изминатиот период направија студија во врска со плурализмот на медиумската сопственост во новото медиумско опкружување.
Студијата е изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со финансиска поддршка од заедничката акција на Европската унија и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (JUFREX 2)“.
Втора препорака на експертите е целосно укинување на забраната за вкрстена сопственост меѓу радиодифузери и весници затоа што ретко се применува во Европа каде што има големи пазари. Ако се укине ваквото ограничување, нема да има проблем сопственици на телевизија и радио да имаат печатени медиуми и обратно.
Освен тоа, експертите сметат дека треба да се укинат сите забрани во поглед на концентрацијата меѓу радиодифузијата и другите сродни сектори или таканаречената вертикална концентрација, но со оглед на конкретната ситуација на пазарот сугерираат да остане ограничувањето за концентрација на сопственоста меѓу радиодифузер и трговско друштво што врши рекламирање и маркетинг. Ова ограничување значи дека не може сопственик на медиум да има и компанија за рекламирање. Исто така, тие препорачуваат внимателно да се разгледаат низ јавна расправа аргументите за и против забраната за концентрација на сопственоста меѓу радиодифузери и даватели на електронски комуникациски услуги.
Имајќи предвид дека се препорачува нов доста либерализиран модел на концентрација на сопственоста, сепак, се сугерира да се разгледа можноста да се постават извесни прагови за утврдување евентуално прекумерно влијание на извесни медиумски групации на пазарот, преку удел во публика или удел во приходи.
На крај, експертите сметаат дека одредбите од Законот за медиумите за транспарентноста треба да се задржат во најголем дел, но да се укинат прекумерните обврски на радиодифузерите за објавување податоци на својата програма.
Снежана Трпевска, експертка што учествувала во изработка на анализата, смета дека студијата се фокусира на едно мошне сложено прашање на медиумската политика – како да се регулира законски медиумската сопственост за, од една страна, да се обезбеди плурализам и разновидност на содржините и независност и самостојност на уредувачката политика на медиумите, а, од друга, и да се заштити конкуренцијата во медиумскиот сектор.
„Битно беше да се изработи една ваква анализа затоа што постојните законски одредби се застарени, ја регулираат концентрацијата на сопственоста само на традиционалните радиодифузни пазари. Денес ова прашање добива ново значење во контекст на дигиталните технологии, конвергенцијата, ширењето на новите интернет-медиуми и фрагментирањето на пазарот и публиката“, вели Трпевска и додава дека овие препораки ќе може да се искористат при изготвувањето измени и дополнувања на Законот за медиумите и на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.
Студијата дава компаративен преглед на законските правила од европски земји и земјите од регионот, ја анализира домашната легислатива и ги сумира гледиштата на речиси сите клучни актери во медиумскиот сектор.
Трпевска нагласува дека сегашните одредби за медиумска концентрација се речиси истите од Законот за радиодифузната дејност од 2005 година, а пренесени во медиумските закони од 2013 година. Овие одредби биле дизајнирани со цел да се либерализираат претходните строги правила, но не ги оствариле очекувањата за интегрирање на капиталот и за раст на радиодифузниот сектор.
„Прво, најпроблематично е што сегашните одредби се концентрираат на ‘традиционалното’ медиумско опкружување (радио, телевизија, печат…) и не го земаат предвид подемот на новите услуги и платформи, а знаеме дека сè поголем број луѓе се информираат, образуваат и забавуваат од интернет“, тврди Трпевска.
Според неа, одредбите се доста строги и во однос на традиционалните медиуми – радијата и телевизиите, бидејќи комбинираат повеќе забрани за хоризонтална, вертикална, дијагонална и географска концентрација.
„Вакви големи ограничувања имаат негативен ефект на мал и фрагментиран пазар како македонскиот, каде приходите на медиумите се многу мали и каде е неопходно актерите на пазарот да применуваат економија од обем за да се постигнат одржливост“, истакнува Трпевска и додава дека ретко каде во други земји се комбинираат толку ограничувања. Германија на пример, се потпира на само еден критериум (публика) за одмерување на прекумерната медиумска концентрација.
Исто така, Трпевска смета дека постојниот закон е нејасен во некои делови и му создава проблеми на регулаторното тело при неговото спроведување.
„Конфузни се одредбите во делот за поврзаните лица (член 36), одредбите од член 39 (2) алинеја 7 каде се вели дека недозволена концентрација постои кога радиодифузерот „истовремено емитува радио и телевизиска програма“, одредбите од член 39 (2) алинеите 2 и 8 што се однесуваат на забраната за концентрација меѓу радиодифузен и печатен медиум“, објаснува таа.
Во текот на анализата експертите разговарале и со засегнатите страни, кои исто така имаат забелешки на постојниот закон, како што е, на пример, постојната дефиниција на регионалните пазари, која не е соодветна за радиодифузијата, бидејќи тие пазари се дефинираат според покривањето на техничкиот сигнал (доделени зони), а не според економски критериуми (број на жители, развиеност на секторот итн.).
Освен тоа, дел од субјектите во медиумскиот сектор се жалат на тоа што со години наназад проблем е сопственичката шема на терестријалните телевизии на државно ниво. Сопственици се само домашни физички или правни лица што имаат други бизниси, а за кои телевизијата е само инструмент за постигнување на нивните политички и деловни интереси. Затоа, дел од нив предлагаат телевизиите да се организираат како акционерски друштва со чии акции ќе се тргува на берзата.
На крај, медиумската експертка Трпевска укажува дека при ревидирањето на постојните законски правила, треба да се води сметка особено за тоа дека медиумите работат во поинакво опкружување и оти е неопходно да се креираат такви правила што ќе поттикнуваат – а нема да го попречуваат – развојот на одржливиот аудиовизуелен сектор.
Горан Гаврилов, управител на радиото „Канал 77“, кој долги години го спори законското решение за медиумска концентрација, ги поддржува препораките од анализата и тврди дека сега е крајно време да се редифинира целиот медиумски систем со цел да се мотивираат инвеститорите да вложуваат, а со тоа да се задоволи потребата на публиката за поквалитетна медиумска содржина и да се развијат медиумите.
Гаврилов вели дека концептот еден концесионер – едно гласило крахира затоа што пазарот не го поддржува тоа и предизвикува затварање на многу локални и регионални медиуми.
Тој смета дека треба да се примени германскиот модел, кој дозволува окрупнување на медиумскиот бизнис, а ограничувањето е само по основа на удел на пазарот и публиката, на 25, односно на 30 отсто.
Според него, од сегашниот ќор-сокак може да излеземе само ако се избере професионален состав во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, кој ќе ги убеди Владата и медиумите дека единствено решение е реиздавањето на дозволите за работа на медумите.
Автор: Насер Селмани
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.