Судот ја одби тужбата на новинарката Душица Мрѓа против државата за „крвавиот четврток“

Основниот суд Скопје 2 вчера ја одбил тужбата на новинарката Душица Мрѓа против државата поради повреда на правото на слобода на изразување за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Судот пресудил во корист на државата, а образложението за пресудата за „крвавиот четврток“ дополнително ќе ѝ биде доставено на новинарката во писмена форма, напиша новинарката Мрѓа на својот Фејсбук профил.

Душица Мрѓа е една од новинарите и медиумските работници коишто покренаа приватна тужба против државата, во знак на незадоволство од Основното јавно обвинителство во Скопје, кое и после три години откако новинарите дале исказ, не успеа да покрене ниту еден обвинителен акт против насилниците од иницијативата „За Заедничка Македонија“, кои навредуваа и тепаа новинари за време на „крвавиот четврток“.

„Јас на 27 април добив ќотек, бев повредена, омаловажувана, навредувана, спречена да си ја работам работата, но јас на 27 април ја искористив секоја можна прилика да известувам во живо за хаосот во Собранието. Затоа што јас сум пред сѐ новинар, а потоа дури човек чиј живот беше во опасност. Јас и моите колеги кои завршивме и самите со повреди, спречивме крвавиот четврток да заврши уште покрваво, со жртви. Јас ниту простувам, ниту заборавам, уште помалку се откажувам. Јас мојата правда за „крвавиот четврток” ќе ја добијам, ако не тука, тогаш во судските инстанци во Eвропа и светот што ги почитуваат и човековите и новинарските права“, напиша новинарката Душица Мрѓа.

Инаку, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) им понуди правна помош на новинарите за да покренат приватна тужба и надомест за нематеријална штета, поаѓајќи од фактот дека и ЗНМ е незадоволно што насилството врз новинарите на 27 април не доби правна разрешница.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.