Заев најави промена на членот 102 од Законот за ААВМУ со што би се овозможиле јавни пари во медиумите

Премиерот Зоран Заев вчера изјави оти верува дека наскоро ќе биде даден предлог од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ), односно негова промена, за да може да се помогне на медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совет итн.

„Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни дадат експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите, а сепак обезбедување нивна дополнителна финансиска одржливост заради тоа што сите заедно заклучивме дека треба да развиваме и такви пакети. Не само заради Ковид-19, секако заради и поради тоа се добродојдени, но и по Ковидот ќе бидат на сила, а тоа дополнително ќе ја зголеми транспарентноста на државата и информираноста на граѓаните,“ рече премиерот Заев на прес-конференцијата 100 дена Влада.

Тој најави дека новинарите, медиумите и медиумските работници се опфатени со четвртиот сет на мерки, со тоа што сега може да аплицираат и до бруто минимални плати, не само 14.500 туку до 21.770 денари.

„Во претходните пакети ги ослободивме од обврската за плаќање на лиценците кои ги вадат секоја година, директно преку АЕК помогнавме за одредени права на медиумите и продолжуваме и натаму,“ рече Заев.

Инаку, членот 102 од Законот за ААВМУ е конкретен во делот на забраната за рекламирање.

„Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или
активности преку приватни радиодифузери”, се вели во овој член.

Ваквата законска формулација беше донесена претпоследниот работен ден од 2018 година, кога Собранието на РМ по скратена постапка го усвои како „Дополнет Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.