ЗНМ и Манчевски разговараа за можното субвенционирање на весниците

Здружението на новинарите на Македонија заедно со претставници на печатените медиуми, денеска со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, разговараа за можноста за субвенционирање на печатените медиуми во Македонија. Темата беше иницирана од ЗНМ за да се помогне на весниците да се прилагодат на новите услови за работење на пазарот, особено по појавата на интернетот и на социјалните мрежи.

Загрижени од затворањето на неколку весници, од ЗНМ сметаат дека Владата има на располагање низа можности преку кои може да ги помогне за да се преструктурираат на пазарот.

– Владата може да воведе разни даночни олеснувања, попусти за јавни услуги, субвенционирање за хартија, печатење или помош за развој на дистрибутивната мрежа на весниците. Такви мерки се применуваат во разни европски земји – истакна на средбата директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Претставници на печатените медиуми предложиле разни форми на субвенции и истакнале дека без соодветна помош, нивната егзистенција е доведена во прашање.

Министерот Манчевски искажал разбирање за проблемите со кои се соочуваат весниците и се согласи со Здружението да се организира дебата, на која ќе бидат повикани сите претставници на печатените национални и регионални медиуми во Република Македонија за да се разговара за можните модели на субвенционирање.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.