ЗНМ и ССНМ ги повикаа истражните органи да постапуваат по заканите кон Иванов, Стојановска, Додевска

Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува вербалните закани кон новинарот Мишко Иванов, испратени до него на социјалната мрежа Фејсбук.

„Вчеравечер, веднаш по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, извесен Бобан Петровски испратил порака полна со говор на омраза и закани до новинарот на ТВ „24“. Откако Иванов ја објави пораката на својот профил на Фејсбук, новинарките Анета Додевска и Наташа Стојановска исто така посочија дека во последно време и тие биле мета на напади, односно и до нив биле испратени пораки со слични содржини. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да отвори истрага за овие закани кон колегите и да поднесе пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на заканувачите,“ велат од ЗНМ.

Од таму додаваат дека заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите.

„Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Затоа, инсистираме МВР и ОЈО веднаш да изнајдат начин за ефикасно истражување на ваквите закани. Ја потсетуваме јавноста дека доколку сакаме да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи на тој начин единствено ќе се придонесе за создавање на атмосфера на страв и самоцензура,“ додаваат од ЗНМ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) исто така ги осудува онлајн нападите и заканите на социјалните мрежи врз Иванов, како и зачестените напади врз други новинари и новинарки и апелираше сите овие напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции.

„Со жалење констатираме дека МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите законски овластувања. Состојбата со нападите врз новинарите што професионално и чесно си ја вршат својата работа е неодржлива и таа уште веднаш мора да се смени,“ додаваат од ССНМ.

Од таму сметаат дека нема објективно и професионално новинарство доколку новинарите и медиумските работници работат под притисок на закани и напади.

„Само со јавен притисок кон институциите, но и јавно обелоденување на оваа појава со цел кревање на свеста на јавноста, како и заедничка реакција, може да придонесе за намалување на нападите, заканите и онлајн малтретирањето на нашите колеги,“ велат од таму.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.