Здружението на новинари на Македонија е незадоволно од начинот како Граѓанскиот суд во Скопје и Апелацискиот суд во Скопје го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, рече денеска на прес-конференција претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Тој додаде дека „и покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари.“
– Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји. Потенцираме дека работа на судовите не е да ги толкуваат законите, туку доследно и неселективно да ги применуваат. Се сомневаме дека зад ваквата судска пракса на Граѓанскиот суд во Скопје и на Апелацискиот суд, има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн медиумите и да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет – изјави Селмани.
Тој предупреди дека „обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина.“
– Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност. Убедени сме дека ваквата чудна судска пракса, која за среќа ја нема и во другите апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество – додаде Селмани.
ЗНМ, од Врховниот суд бара во најкраток рок да постапи по барањето за усогласување на судската пракса, и во иднина, Граѓанскиот суд и Скопска Апелација да ги процесуираат предметите.
– Неделава ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот, со цел, да утврди одговорност за таквото незаконско однесување. Ја повикуваме и меѓународната заедница, Европската Унија, САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови нашата загриженост со цел да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлajн медиуми и обидот за нивно лиценцирање – рече Селмани.
На прашањето на „Мета“ од кога е забележана ваквата пракса од страна на судовите врз новинарите, Селмани појасни дека оваа појава ја имало и порано, но сметале дека во комуникација со нив преку состаноци, ќе ги убедат да ја променат или да ја усогласат судската пракса со останатите апелациски подрачја.
– Меѓутоа деновиве добивме една нова одлука на Апелацискиот суд, каде што не само што до сега правеа обид да ги дискредитираат онлајн медиумите, во оваа нова пресуда има полоша тенденција, луѓето кои работат во тие медиуми, ги третираат како не-новинари. Законот за граѓанска одговорност е многу јасен и тие треба тој закон да го применуваат. Затоа што, очигледно нивната намера е да создадат перцепција во јавноста дека овие медиуми работат надвор од законот, што не е точно – појасни Селмани.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.