ЗНМ со остра осуда за заканите кон новинарката на „ТВ21“

Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува заканите упатени кон новинарката на „ТВ21“, Алмедина Исмајли од страна на Нешат Адеми кој е доскорашен член на Алијансатa за Албанците, реагираат од ЗНМ.
„Пред два дена новинарката Исмајли подготвувала прилог во кој бил споменат Адеми откако на својот Фејсбук профил објавил информација дека ја напушта АА. По емитувањето на прилогот новинарката Исмајли добила телефонски повик во кој Адеми упатил сериозни закани кон неа. Случајот вчера беше пријавен во полиција, а заканувачот веќе денеска бил повикан на информативен разговор. За жал, според нашите сознанија, институциите на прогонот процениле дека немало елементи за поднесување на кривична пријава против Адеми и добил само усна опомена,“ се вели во соопштението на ЗНМ.
Од таму потсетуваат дека единствено преку строга санкција на нападите и заканите од страна на институциите во иднина ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите.
„Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Загрижува фактот што во период од само еден месец се регистрирани четири напади и сериозни закани кон новинарите што е бројка еднаква на сите регистрирани напади во текот на 2019 година. Уште повеќе загрижува трендот на зголемени закани кон новинарките во државата. Апелираме до сите домашни и меѓународни институции да ги осудат заканите кон новинарите и да упатат пораки на смиреност во периодот кој следува“, се додава во соопштението.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.