Да се донесат законските измени со кои се предвидува двотретинска согласност на парламентарците при именување на членовите на Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и да се намали рекламирањето на власта, пред се на локално ниво, во електронските медиуми и да се елиминира можност за политичко влијание во медиумите, се едни од главните цели што треба да се постигнат за да се овозможи поголема независност на електронските медиуми и во нивното контролирање.
Тоа беше кажано на денешната презентација на извештајот на Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО „Инфоцентар“, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тоа е третиот тримесечен извештај на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) подготвен во рамките на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“.
АВМУ во изминатото тромесечје одржала солидно ниво на транспартеност и отчетност, а од пет медиумски организации биле побарани законски измени за предлагање и именување членови на Советот на АВМУ, но процесот е закочен. Тоа во Собранието треба да се направи како што е предвидено и членовите на овој Совет да се избираат со двотретинско мнозинство за да се постигне вистинска независност на агенцијата и нејзината работа, побара Зоран Фидановски од Здружението на новинарите на Македонија во дискусијата по презентацијата.
Како што рече комуникологот Сефер Тахири во презентацијата, според извештаи на ЗНМ и според други согледувања, уште се регистрира големо мешање на власта во електронските медиуми, а тоа, како што рече, се случувало и преку рекламирањето на власта. На тоа се спротивстави Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ, кој рече дека рекламирањето на власта во последните две години е речиси елиминирано. Фидановски во одговор посочи дека тоа рекламирање е присутно главно на локално ниво, во поглед на пренесување на извештаи од Советите на општини и разни соопштенија.
– АВМУ треба да биде независно тело. Клучот е во политичката независност од власта, но тоа е лесно да се каже, а тешко да се оствари – рече Тахири.
Покрај него, за работата на АВМУ и АЕК говореа и Горан Лазаров, проектен координатор од Евротинк и Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.