Политичките партии од власта и опозицијата и дел од интернет порталите кои се вклучени во истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи излегоа со реакции во јавноста.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека сето рекламирање на нивната партија било транспарентно и законски. Тие сметаат дека власта организирала напад врз медиуми преку „политичко обвинителство“.
„Ова што сега се случува и се врши врз медиумите е чист случај на притисок и заплашување од партиското обвинителство на СДСМ против медиумите кои што известуваа и ги пренесуваа протестите на опозицијата и уште пострашно, се критички настроените медиуми против власта“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од владејачката партија СДСМ соопштуваат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги остави институциите да ја завршат истрагата за изборното рекламирање и да го почекаат исходот од истата.
„Речиси и да нема изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ во последните години која што не е спорна и од законски и од етички аспект“, одговараат од владејачката СДСМ.
Инаку, покренатата истрага од двете државни институции опфати одземање на документација од три фирми за кои постои основано сомнение дека во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање, информираат од ОЈО. Од Обвинителството се сомневаат дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност.
Инаку, во предизборниот период, „Мета.мк“ направи преглед на дел од интернет – порталите коишто се пријавиле до ДИК за да емитуваат платено политичко рекламирање на претстојните избори. Анализата покажа дека речиси двојно повеќе портали биле впишани во Регистарот на ДИК во споредба со Регистарот на професионални он-лајн медиуми „Промедиа“.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.