Јакимовски доби отказ од Централниот регистар, МВР и ОЈО допрва ќе треба да реагираат на заканите

Вработениот во Централниот регистар Емил Јакимовски, кој викендов упати закани и навреди кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, доби отказ од работното место. Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски вчера донела решение за престанок на работниот однос поради суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор.
„Емил Јакимовски ги повредил и прекршил одредбите од неговиот Договор за вработување според кои иако вработениот задолжително треба да го чува, сепак не го чувал угледот на работодавачот“ објави синоќа директорката на Централниот регистар.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права уште викендов во МВР го пријавиле заканувачот за загрозување на сигурноста на новинарката Мери Јордановска, додека нејзината колешка Искра Коровешовска на својот „Фејсбук“ профил објави дека денеска ќе ги пријави навредите од лицето Емил Јакимовски во МВР.
И од Здружението на новинари (ЗНМ) и од Синдикатот на новинари (ССНМ) бараат полицијата и Основното јавно обвинителство да го расчистат случајот со заканите и навредите упатени кон двете новинарки.
„ССНМ бара од МВР и ОЈО итно да преземат мерки за ваквите напади и закани врз новинарите, бидејќи во спротивно, несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите“, се вели во соопштението на Синдикатот на новинари.
Од ЗНМ потсетуваат дека заканите кон новинарите и медиумските работници претставуваат кривично дело и обид за цензура во медиумите. Тие упатија апел и до политичките партии да демонстрираат коректен јавен однос кон новинарите и да им укажат на нивните членови дека заканите и навредите кон новинарите претставуваат кривични дела и за нив се одговара.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.