Јавните пари во медиумите и состојбата со МРТ се актуелни, но со делумно исполнети препораки на Прибе

Главно внимание на дебатата привлекоа токму два од четирите столба од Итните реформски приоритети на Прибе што се однесуваат на слободата на изразување – јавните пари во медиумите и јавниот радиодифузен сервис МРТ. Заедно со столбот за навреда и клевета, токму овие два столба добија финална оценка дека Итните реформски приоритети се започнати, но не и исполнети (првиот столб за јавниот радиодифузен сервис) или делумно исполнети (вториот столб за владиното рекламирање, односно јавните пари во медиумите) за периодот на мониторинг од 1 ноември 2019 до 15 декември 2020 година.

Во делот на медиумските реформи во МРТ, Зоран Фидановски новинар и член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) информираше дека досегашниот конкурс за избор на членови на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ е стопиран, додека на кандидатите кои доставиле апликација им се вратени документите и веќе е извесно дека ќе се распише нов конкурс. Тој смета дека за ова ќе бидат потребни барем уште неколку месеци, особено доколку се извршат и измени на постојниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги или ако се подготвува нов закон.

Фидановски истакна дека со усвоениот државен буџет за 2021 година, догодина ААВМУ ќе има намален буџет за околу 300.000 евра, додека на МРТ како јавен сервис ќе му бидат доделени за околу 3,5 милиони евра помалку во споредба со средствата кои државата ги одвоила годинава за нив. Овие средства се многу помалку од законски предвидените средства во Законот за ААВМУ што треба да ги добие јавниот радиодифузен сервис во 2021 година.

Во делот на финансирањето на медиумите, голема полемика предизвика неодамнешната најава на премиерот Зоран Заев дека ќе се ревидира членот 102 од Законот за ААВМУ. Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) рече дека членот 102 од ААВМУ не забранува рекламирање, туку забранува буџетирање за купување на медиумско време или простор, односно институциите не смеат да предвидуваат средства за медиумски простор.

Тој го посочи примерот во европските земји, каде што јавни пари се даваат единствено за производство на квалитетни играни и документарни медиумски содржини, но не и за медиуми, особено не во радиодифузијата. Во случајот на европските земји, постојат филмските фондови, кои покрај квалитетни драмски и телевизиски програми, во делот на документарната содржина, може да го покријат и истражувачкото новинарство. Постојат случаи, каде постојат фондови во кои можат да аплицираат локални и регионални медиуми, како и непрофитните медиуми, како што е случајот со Хрватска каде се финансираат содржини кои ги негуваат локалните дијалекти.

„Пари никој никаде не дава за медиуми, особено не во радиодифузијата, односно во аудиовизуелни медиумски услуги“, изјави Дејан Георгиевски од ЦРМ.

Виолета Глигороска, програмски координатор во Фондацијата „Метаморфозис“, го наведе и примерот со Црна Гора, каде постои медиумски фонд во рамките на Министерството за култура преку кој се поддржуваат медиумски проекти преку јавен конкурс секоја година. Овде влегуваат проекти за широко образование на населението и за медиумска писменост.

И Горан Гаврилов, генерален директор на „Канал 77“ во дебатата потенцираше дека за да има било какви средства што би се одвојувале од медиумски фонд, мора да постои натпревар со проекти и засебна институција надвор од регулаторното тело ААВМУ која ќе ги распределува средствата.

„За секој проект, за било каква помош, мора да има конкурс и да има конкуренција за таа продукција. Европската Комисија и Советот на Европа нема да дозволи да се делат средства по било каков клуч без да има натпревар“, изјави Гаврилов.

Спротивниот став на регионалните и локалните медиуми го искажа Ирена Арнаудова од регионалната телевизија „ТВ М“ од Охрид, која реагираше во однос на фактот дека забраната за јавни пари во медиумите не важи за печатените медиуми и за интернет порталите, кои не се опфатени со регулирање со членот 102 од Законот за ААВМУ.

„Ние како здружение на локални и регионални медиуми предложивме формула за формирање на Фонд за медиуми, којшто на годишна основа ќе ја распределува предвидената сума на пари врз основа на формула според неколку критериуми“, изјави Арнаудова.

Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во однос на критериумите за да медиумите добијат државни средства, изјави дека ретко се слуша во критериумите да е вметнато подобрувањето на програмата од јавен интерес, првенствено информативната, како и подобрување на социо-економската состојба на новинарите. Како негативно искуство, тој ги спомена владините субвенции за печатените медиуми, кои не се условени со подобри содржини, нови вработувања или зголемување на платите на новинарите. Од ССНМ не се против формирање на медиумски фонд, но Дуридански вели дека тоа треба да биде фонд за новинарството, односно новинарските работници.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.