Владата додели финансиска поддршка од 488.000 евра на 11 печатени медиуми

Програмата за поддршка на печатените медиуми дизајнирана во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите во соработка со сите засегнати страни се реализира веќе трета година по ред, информираат од Влада.

„Финансиска поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година. Согласно предвидениот буџет за 2020 година, на печатените медиуми на македонски јазик исплатени се средства во висина од 36,8 проценти за направените трошоци за печатење и 36,8 проценти за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50,8 проценти за направените трошоци за печатење и 50,8 проценти за трошоците за дистрибуција. Комисијата едногласно одлучи, остатокот на средствата од вкупниот буџет да ги додели на регионалните медиуми и тоа по 15.833 денари на „Зенит“, „Битолски весник“ и „Штипски глас“, се вели во соопштението.

Од вкупно 14 пристигнати барања, одобрени се 11.

„Комисијата утврди дека сите барања имаат уредна и комплетна документација, но утврдено е дека 3 се специјализирани изданија, а основниот критериум е корисници на овие средства да бидат печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања. На овие 11 медиумски компании, им се распределени, согласно критериумите 29.999.999 денари (488.000 евра) од вкупно 30 милиони денари предвидени во буџетот за 2020 година за поддршка на печатените медиуми,“ се додава во соопштението.

Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања.

Постапката за избор на корисниците на средствата согласно Програмата ја спроведе Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат во којашто покрај претставници на надлежните институции, членуваат и по еден претставник на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Северна Македонија и еден претставник на Здружението на новинари.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.