Јавните пари во медиумите ја убија новинарската критика (инфографик)

Државата повторно станува еден од најголемите огласувачи во медиумите, со што се отвара можност политичките партии да влијаат на начинот на известување на новинарите. Од 2015 година, кога под притисок на новинарските здруженија и на меѓународниот фактор, владата на Груевски беше принудена да прогласи мораториум на владиното рекламирање, последните две години количеството на јавни пари во медиуми во разни форми рапидно се зголемува.
Ако во 2018 година беа потрошени околу еден милион евра за медиумската кампања за референдумот за името, во следната 2019 г. обемот на јавните пари во медиумите е зголемен речиси тројно и изнесува околу 4 и пол милиони евра. Од ова сума, 3.75 милиони евра се пари за медиумската кампања на претседателските избори и нешто над 700 илјади евра субвенции за печатените медиуми за нивните трошоци во 2018 година.


Според извештајот на медиумската кампања за ланските претседателските избори од Државната изборна комисија, од предвидените и исплатените околу 3.75 милиони евра за политичка пропаганда на партиите над 80 отсто или над 3 милиони се потрошени на рекламирање во петте Национални телевизии, четирите кабелски национални како и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион имаат поделено радијата, печатените медиуми и порталите.
Петте национални телевизии вкупно добиле околу 2 милиони евра, од таа сума најмногу добила ТВ „Сител“ со околу 564 илјади евра, „Канал 5“ и „Алсат-М“ добиле по околу 400 илјади евра, „Телма“ околу 250 илјади, а најмалку има „Алфа“ со околу 150 илјади евра.


Во кабелските национални телевизии претседателските кандидати потрошиле околу 700 илјади евра. Најмногу пари од овој колач претседателската трка добила ТВ21 со околу 250 илјади евра, следи „24 Вести“ со околу 200 илјади, ТВ „Клан Македонија“ со нешто над 150 илјади, а најмалку има „Шења“ со под 50 илјади евра.

 

Околу половина милион евра се потрошени за политичко рекламирање во регионалните и локални телевизии. Од овие медиуми најмногу добила ТВМ околу 100 илјади евра, а по околу 50 илјади евра добиле и ТВ „Стар“, ТВ „Коха“ и ТВ Вис“.
Другите средства се потрошени во радијата, печатените медиуми и порталите.
Загрижува фактот што износот од 4,5 милиони евра јавни пари во медиуми годинава може дополнително да се зголеми. Според најавите на Државната изборна комисија за парламентарните избори напролет се наменети околу 4 милиони евра, но тој износ може да се зголеми дури до 6,5 милиони, која е горна граница за трошење државни пари во медиумски кампањи. Ако се остварат овие предвидувања, вклучително и сумата од околу 700 илјади за субвенции на печатените медиуми, во 2020 година јавните пари во медиуми можат да се искачат на 7,3 милиони евра.

Овој износ на јавни пари потрошени во медиуми е многу повисок и буџетските средства што владата на Груевски ги трошеше на владини кампањи од 2008 до 2015 година. Според податоците презентирани од актуелната влада, за седум години тогашната власт потрошила вкупно 38 милиони евра, што во просек се околу 5,5 милиони евра годишно. Во оваа сума влегуваат и 15-те милиони евра за снимање и продукција на спотовите за владините политики. Само закупот на време во електронските медиуми изнесувал 23 милиони евра или само за во телевизиите околу 2,9 милиони евра годишно. Според друго истражување базирано на исплата од трезорот во период од 2010 до 2017 година биле впумпувани јавни пари во медиуми во висина од околу 3,2 милиони евра годишно.
Во оваа сума не се пресметени и парите што општините и јавните претпријатија ги трошат во медиумите, посебно во локалните и регионалните медиуми, а во последно време и на онлајн медиумите.

Во ЗНМ се сомневаат дека сумата на општински пари во медиуми е поголема

Здружението на новинари на Македонија трета година по ред следи колку пари општините трошат во медиумите. Изминатата година, 43 општини потрошиле околу пола милион евра во разни медиуми. Овој податок не е конечен затоа што скоро пола од општините одбиле да споделат информација за парите вложени во медиуми. Оттука во ЗНМ се сомневаат дека износот на општински пари во медиуми е поголем.

Од општините што доставувале податоци до Здружението најмногу пари во медиуми во 2019 година има потрошено Битола, со нешто над 60 илјади евра, следи Гевгелија со околу 30 илјади евра, а Гостивар е на трето место со нешто помалку од 20 илјади. По околу десет илјади евра во медиуми лани вложиле Куманово, Карпош и Кисела Вода и други.
Парите за медиуми општините ги трошат на претежно на претплата за весници, откуп за простор за рекламирање, договор за учество на манифестации, маркетинг услуги. Интересно е што тие на локалните и регионалните медиуми им плаќаат и за објавување на огласи и соопштенија, како и за објавување честитки.
Речиси кај сите општини, најголемиот дел од средствата наменети за финансирање на медиуми се алоцирани во најголемата телевизиска куќа на општината. Освен со медиуми, општините потпишуваат договори и со поедини новинари, што е невообичаена практика во демократски земји.
Меѓу општините што во 2019 година не доставувале податоци за потрошени пари во медиуми се вбројуваат Град Скопје и скопските општини, Чаир, Шуто Оризари, Центар и Бутел, како и градовите Охрид, Ресен, Крушево, Дојран, Богданци како и други рурални општини од земјата.
Општини што веќе втора година не кажуваат колку пари трошат во медиуми се Сарај, Демир Капија, Ранковце, Илинден, Зелениково, Свети Николе, Чашка, Ново Село, Конче, Босилово, Липково, Арачиново и Боговиње.

Медиумите се свесни дека на секои избори ќе можат да заработуваат лесни пари од власта и опозицијата

Плаќање политичка пропаганда во медиуми со јавни пари се воведе во јули 2018 година, кога политичките партии од власта и опозицијата, тајно и без никаква јавна расправа изгласаа измени и дополнувања на Изборниот законик. Тогаш новинарските и медиумски организации го осудија ваквите измени и предупредија дека тоа може да ја загрози работата на медиумите. Тогаш ЗНМ, ССНИМ и СЕММ сметаа дека најпроблематичен е членот 3 став 11, кој предвидува учесниците во изборниот процес да доставуваат медиа планови за политичко рекламирање платени од Буџетот на државата. „Ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии“, оценуваа новинарските организации.
И не само тоа, ако медиумите се свесни дека на секои избори ќе можат да заработуваат лесни пари од власта и опозицијата по основа на политичко рекламирање тогаш очекувано е да оддржуваат добри односи со партиите и ќе се возддржат од било каква критика во нивната работа, без разлика дали се партии од власта или опозицијата.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски останува на ставот од пред три две години дека плаќањето на политичката пропаганда на партиите во медиумите со јавни пари е продолжување на лошата практика од времето на режимот на Груевски со владините реклами, со единствена разлика што сега можност да прави политичка пропаганда во медиумите со парите на граѓаните освен власта, добива и опозицијата.

„Тие пари апсолутно влијаат на начинот како медиумите ќе известуваат за работата на Владата, но и на опозицијата особено земајќи во предвид дека овие средства преставуваат сериозен удел во медиумскиот пазар кој според пресметките на ЗНМ изнесува речиси една третина од вкупниот годишен буџет на радиодифузерите, печатените, но и онлајн медиумите“, истакнува Секуловски.
Тој тврди дека јавните пари во приватните медиуми ја поттикнуваат само-цензурата и медиумите стануваат државни или општински.
„Истражувачкото новинарство ретко е присутно во медиумите што се финансираат од кампањите на политичките партии. Такви истражувачки стории имаат неколку онлајн медиуми и приватни продукции, кои доминантно се финансираат од странски донатори“, вели Секуловски.
Според него, Изборниот закон не гарантира политичкиот плурализам затоа што дозволува една политичка партија да го откупи целиот простор за реклама на некој медиум. Таков пример било регистрирано на претседателските избори лани кога еден онлајн медиум имал реклами само од еден претседателски кандидат.
Тој вели дека ЗНМ ќе продолжи да работи на подигање на свеста на јавноста дека се додека има политичките партии вршат упад во во медиумскиот пазар не можеме да се надеваме дека медиумите ќе известуваат објективно и непристрасно, во корист на граѓаните и јавниот интерес.

Сличен став со Секуловски за присуството на јавните пари во медиумите има и истражувачкиот новинар и поранешен претседател на новинарски синдикат, Тамара Чаусидис, која смета дека медиуми изгледа не можат да го понесат товарот на слободата и затоа бараат закрила во слугувањето како единствен модус во кој умеат да егзистираат.
„Новинарството како професија буквално е сомелено. Ако порано говоревме дека во време на заробена држава останаа мали островца на отпорот и слободата денес веќе можеме да говориме за ретки навистина ретки исклучоци на редакции кои го негуваат и веруваат во идејата за новинарството со интегритет како јавно добро“, вели Чаусидис.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски. смета дека трошењето на јавни пари ( буџетски средства) за платена политичка реклама (ППР) е пример што демократскиот свет не го познава.
Трајчевски вели дека против ваквото решение во изборниот законик АВМУ повеќе пати реагирала јавно, но и преку официјален допис до министерството за правда.
„За жал досега остануваат глуви и молчат. Единствено АВМУ во овој свој став наоѓа подршка кај ЗНМ. Трошењето на јавни пари за ППР или на друг начин трансфер на средства директно од буџетот кон медиумите сериозно ја поткопува слободата на изразување и преставува обид за купување на наклонетоста на медиумите со пари на граѓаните“, оценува тој.

Сериозни забелешки за трошење јавни средства во медиуми има и ДКСК

Освен ЗНМ, медиумскиот регулартор и истражувачките новинари, опасност од јавните пари во медиусми гледа и наблудувачката мисија на ОБСЕ. ОДИХР. Во нивниот извештај за претседателските избори зборуваат за лошото опкружување кое не овозможува квалитетно новинарско известување.
„Бројни приватни медиумски куќи и натаму се финансирани од бизниси блиски до различните политички групи, а неколку соговорници наведоа дека овие медиуми се користат и во политички цели, со само неколку самоодржливи медиуми, особено главните приватни ТВ канали“, се вели во извештајот на ОДИХР.
Сериозни забелешки за трошење јавни средства во медиуми има и Комисијата за заспречување на корупцијата. Во проценка на ризици од корупција, ДКСК предупредува на тргување со влијание што е многу значајно при креирањето на јавното мислење кое наместо да ја поттикнува ќе ја загушува борбата против корупцијата.
Дури во Националната стратегија за спречување на корипцијата се бара доследно спречување на злоупотреби на медиумите во политички цели.
„Потребно е воведување на зајакнат надзор, укинување на платеното политичко рекламирање на партиите во изборните циклуси и зајакнување на критериумите за доделување на државна помош за печатените медиуми“, стои во стратегијата на ДКСК.
Освен тоа, Антикорупциска во стратегијата ја истакнува и загриженоста што буџетските средства во медиуми се дистрибуираат на нетранспарентен начин.
„Буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“, се вели во стратегијата.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.