Ковид-19 годинава го истисна од агенда прашањето за реформи во медиумскиот сектор

Прашањето за реформи во медиумскиот сектор во првиот квартал од 2020 година речиси воопшто не било на дневен ред на носителите на политики и одлуки во земјава, се вели во извештајот „Мониторинг на медиумските реформи и работата на АВМУ и МРТ“ на Центарот за развој на медиуми. Ковид-19 го потисна од агендата прашањето за медиумски реформи, а исклучок од ова биле единствено новите измени во Изборниот законик и долготрајниот спор помеѓу кабелските оператори и телевизиите.

Од Центарот за развој на медиумите во извештајот посочуваат дека е во прекин изборот на нови раководни тела на АВМУ и МРТ, посочувајќи го нивниот предлог дека треба да се интервенира во законодавството и да се бираат новите раководни тела со апсолутно мнозинство од 61 пратеник, но и задолжително формирање на надворешна комисија што ќе врши селекција пред заклучената листа на кандидати да се достави до собраниската комисија и Собранието на усвојување.

Во однос на измените во Изборниот законик и новите правила за медиумско претставување, од Центарот за развој на медиумите во мониторинг извештајот ја повторуваат нивната заложба за укинување на платеното политичко рекламирање на аудиовизуелните медиуми, а доколку ова не се случи, тогаш тие сметаат дека треба да се елиминира можноста таквото рекламирање да се финансира со парите од даночните обврзници.

„Прифатливи се горни лимити за тоа колку партиите смеат да потрошат на платено политичко рекламирање. Од друга страна, секакво ограничување на цените или на изборот на секоја одделна политичка партија или кандидат на изборите – собраниски, локални или претседателски – каде ќе ги пласираат предвидените буџети за купување на рекламно време или простор се неприфатливи“, се вели во мониторинг извештајот за првиот квартал од 2020 година.

Во однос на спорот помеѓу националните терестријални телевизии против операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, од Центарот за развој на медиумите посочуваат дека спорот трае повеќе од една деценија.

– Она што државата треба да го направи е да работи на воспоставување на колективно тело за остварување на сродните права на аудиовизуелните дела, како што бара и спомнатата европска директива, бидејќи тоа секако ни е задача како дел од процесот на придружување кон Европската унија и усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ – се вели во нивниот извештај.

Во однос на помошта што владата им ја доделува на печатените медиуми, од Центарот за развој на медиумите сметаат дека треба да се направи анализа дали субвенциите се трошени целисходно и дали им помогнале во секојдневното функционирање. Тие посочуваат дека тиражот на дневните весници опаѓа, а најверојатно треба да се размисли за некој друг начин на поддршка на квалитетното новинарство што го очекуваме од традиционалните медиуми.

„Работата на медиумските реформи, како и работата на МРТ и АВМУ, во овој период во голема мера беа под влијание на подготовката на Предвремените Парламентарни избори што беа закажани за 12 април 2020 година“, се вели во заклучокот на објавениот извештај за првиот квартал од 2020 година на Центарот за развој на медиумите.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.