Македонската радио-телевизија (МРТ) распиша 26 интерни огласи за вработените од оваа куќа во насока на пополнување на испразнети работни позиции и за унапредување на вработени во својата професионална кариера. Воедно, со ваквите огласи ќе се реши неправдата со оние професионалци кои се вработени со години наназад во МРТ, а кои со досегашната систематизација биле поставени на позиции кои не одговараат на нивните квалификации.
Потпретседателот на Програмскиот совет на МРТ, Ведат Мемедалија во изјава за „Мета.мк“ појаснува дека имало случаи во МРТ каде што професионалци долго време вршеле работна функција како новинари, но официјално биле вработени во куќата како техничари. За да се реши ваквата неправда, која била особено присутва во МТВ 2 програмата на албански јазик, тие побарале од Министерството за информатичко општество и администрација и од Министерството за финансии да им се дозволи да извршат правилна систематизација на работните места. Откако добиле потврден одговор, тие на седницата на Програмскиот совет на МРТ месецов го усвоиле Правилникот за вработување, унапредување и распоредување на вработените во јавниот радиодифузен сервис, по што се распишани интерните огласи.
Воедно, со овие огласи ќе се пополнат испразнетите раководни и уреднички позиции во МРТ, вклучувајќи го и назначувањето на одговорен уредник на „Радио Македонија“, на четвртиот програмски сервис на Македонското радио, како и на одговорните уредници на новите телевизиски канали МТВ 3, МТВ 4 и МТВ 5.
Ведат Мемедалија појасни дека севкупно ќе има интерни огласи за околу 40 позиции во МРТ кои ќе треба да се пополнат. Сепак, тој потенцираше дека Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии не им дале дозвола за распишување на огласи за нови вработувања во јавниот радиодифузен сервис, иако го побарале тоа неколку пати досега.
Инаку, заклучно со 30 септември годинава, во МРТ биле вработени 738 лица, односно имало за 14 вработени помалку во споредба со крајот на јуни годинава. Од квартал во квартал, бројот на вработени во јавниот радиодифузен сервис се намалува, а не е распишан ниту еден оглас за пополнување на испразнетите позиции. Мемедалија објасни дека годинава имале планирано и 50 милиони денари како сопствени средства за реализација на новите вработувања, но МРТ не ја добило потребната согласност од надлежните министерства.
Мемедалија предупредува дека ако навистина се оствари најавата од Министерството за информатичко општество и администрација за догодина МРТ да добие само 670,5 милиони денари, како што е планирано со предлог-буџетот за 2021 година, тогаш тоа би значело ставање на клуч на јавниот радиодифузен сервис, посочувајќи дека Владата треба да го следи Законот за ААВМУ, каде што стои дека ќе се обезбеди скалесто зголемување на буџетот на МРТ од 0,6 отсто во 2018 година до 1 отсто заклучно со 2021 година од вкупниот износ на приходи во државниот буџет остварени во годината која ѝ претходи на фискалната година за која се утврдува износот.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.