Измените на Кривичниот законик да функционираат во пракса, за напаѓачите на новинарите да се казнат

Само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање на надлежност на обвинителството да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинарите и медиумските работници.

Ова е главниот заклучок на вебинарот на тема „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“ кој се одржа на 24 ноември.

Патрик Пенинкс, од Советот на Европа истакна дека како што се зголемува бројот на закани годишно, притисокот врз новинар(к)ите се продлабочува.

„Овој облик на притисок се здоби и со специфични родови нијанси во нападите против новинарките, кои се покажаа претежно родово пристрасни, како онлајн така и офлајн,“ истакна Пенинкс.

Новинарот Васко Маглешов потенцираше дека е потребна едукација на идните судии и јавни обвинители да бидат сензибилизирани за значењето на новинарската работа со тоа што во рамки на обуките би се вовеле, односно прошириле предметни програми за слобода на говор и изразување и за важноста на новинарската професија во демократските процеси.

Шефот на основното јавно обвинителство, Сашо Рајчев потенцираше дека за суштински да се направат промените, потребно ќе биде да се зголемат ресурсите на обвинителството.

Во својство на меѓународен експерт, Џонатан Прајс, адвокат во „Doughty Street Chambers’’, Велика Британија во своето излагање сподели неколку компаративни случаи од адвокатската пракса во контекстот на безбедноста на новинарите. Тој потенцираше дека проблемот не е во самите закони, туку во нивната имплементација.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски истакна дека преку актуелниот тренд на напади на новинарите влегуваме во една фаза на демократска рецесија.

„Не би сакале да видиме ретроградни процеси, а овој тренд упатува на тоа. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана” додаде Чадиковски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ информираше дека Министерство за правда веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик со бараните измени во кои ќе бидат вметнати и кривични дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите но и општо на медиумските работници.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.