За три години за политичка пропаганда во медиумите партиите од буџетот на државата потрошиле 8 милиони евра

Европскиот експерт Рајнхард Прибе во 2015 година, во рамките на итните приоритетни реформи во медиумите, даде три препораки во врска со трошењето јавни пари во медиумите. Првата препорака беше да се воспостават строги правила за владиното рекламирање засновано на објективни и недискриминаторски критериуми, второ обезбедување целосна транспарентност на владиното рекламирање, податоци кој троши пари во медиумите, како и кои медиуми ги добиваат тие пари, и на крај, препорача развивање на механизам за неплатени објави на јавниот сервис, кои се навистина од јавен интерес.

Иако Прибе бараше само транспарентност на владиното рекламирање, владата кон крајот на август 2017 година реши да ги стопира владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди, интернет портали, со исклучок на социјалните медиуми.

Но, во 2018 година, со измените на Изборниот законик, јавните пари во медиумите се вратија во друга форма, преку платено политичко рекламирање на партиите во медиумите за време на изборна кампања. Од тогаш партиите, по овој основ, за референдумот, претседателските избори и предвремените парламентарни избори во медиумите за политичко рекламирање испумпаа околу осум милиони евра. Околу еден милион беа потрошени за референдумот, 3,8 за претседателските избори, а на предвремените избори годинава медиумите добија околу три милиони евра јавни пари за политичко рекламирање на партиите.

Ваквата негативна практика на трошење јавни пари во медиумите беше нотирана и во последниот извештај на Европската унија.

„Можноста политичките партии да користат државни средства за рекламирање во медиумите, предизвика загриженост кај медиумските здруженија за можно политичко влијание врз уредувачката политика“, вели Извештајот.

Против ваквата форма на трошење јавни пари во медиумите се изјасни и Државна комисија за спречување на корупцијата, која во новата Национална стратегија за спречување корупција, истакнува дека „буџетското финансирање на платената политичка програма за изборна кампања е потенцијален ризик за корупција и создавање на клиентелистички однос“.

„Заради природата на својата дејност и големото влијание врз креирањето на јавното мислење, медиумите се појавуваат како значаен корисник на јавни финансии. Во пракса, трошењето на јавните, а пред сè буџетските финансиски средства од страна на државните институции често се врши на нетранспарентен начин, со селективност, привилегии и отсуство на отчетност и надзор над доделувањето и користењето на финансиската поддршка“, се вели во стратегијата.

Негативни коментари во јавноста за финансирање на политичкото рекламирање на партиите во медиумите со јавни пари, го поттикна поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој во јуни годинава да истапи со идеја за целосно укинување на изборните реклами платени од државниот буџет.

„Идејата е да се напушти целосно овој дел, каде што директно од буџетот се финансира кампањата, затоа што и на ДИК му прави многу проблеми“, изјави тогаш Манчевски.

Меѓутоа, од тоа време, власта нема преземено ништо да го исполни ваквото јавно ветување на нивниот поранешен министер.

Политичкото рекламирање во медиумите со јавни пари го вознемирува и Здружението на новинари на Македонија, (ЗНМ) кое на последното годишно собрание побара да се укине политичкото рекламирање во медиумите со јавни пари.

Директорот на ЗНМ Драган Секуловски објаснува дека иако владиното рекламирање во приватните медиуми не постои како во времето на режимот на Груевски, сепак јавните пари сè уште се присутни во приватните медиуми преку други форми, како што е платено политичко рекламирање, кое како практика се озакони во 2018 година со консензус меѓу власта и опозицијата.

„Тука има неколку проблеми, прво, преку овој модел може да се влијае на уредувачката политика на медиумите од страна на политичките партии и второ на овој начин се продолжува со клиентелистичкиот однос помеѓу партиите и медиумите“, вели Секуловски.

Дополнителен проблем, според Секуловски, е тоа што јавни пари по овој основ без никакви критериуми добиваат и онлајн медиумите.

„На последните парламентарни избори околу 250 онлајн платформи беа платени за своите услуги, а голем дел од нив немаа основни елементи на медиум, како што е импресум, сопственичка структура и слично“, вели тој.

Здружението укажало на овие ризици на Работната група за изменување и дополнување на Изборниот закон, меѓутоа немало политичка волја од власта да се укине оваа форма на финансирање на медиумите, за што се залага и Државната комисија за спречување на корупција.

Јавни пари во локалните и регионалните медиуми се слеваат од општините и локалните јавни претпријатија, иако тоа е забрането со закон. Секуловски се жали дека општините не даваат информација колку пари трошат во медиумите, иако барањето на ЗНМ било доставено согласно Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.

Тој прифаќа дека финансиската состојба на локалните и регионалните медиуми е лоша, која дополнително е влошена со пандемијата на коронавирусот, меѓутоа смета дека општините и нивните јавни претпријатија не смеат да се рекламираат во медиумите.

Според него, може да има дополнителни даночни олеснувања за овие медиуми или поддршка на проекти за создавање медиумска содржина од јавен интерес, која ќе се спроведува преку конкурс, на транспарентен начин и врз основа на јасно утврдени критериуми.

Медиумскиот експерт, Снежана Трпевска вели дека барањето на Прибе да се воспостават строги правила и критериуми во регулативата и да се обезбеди транспарентност во трошењето на буџетските средства во медиумите е поради негативните последици што владините реклами ја имаа врз слободата на медиумите за време на претходната власт.

Трпевска смета дека иако беше забрането државното рекламирање, сепак, трошењето на буџетските средства на локално ниво се случува, каде општините и јавните претпријатија трошат јавни пари во медиумите поткопувајќи ја нивната независност.

„Ова трошење на локални буџетски средства во медиумите и денес е сè уште проблематично бидејќи не е соодветно регулирано во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а мислам и дека никогаш не беше соодветно разбрано од страна на локалните приватни медиуми кои поради континуираната потреба за одржливост, недоволно се грижат за уредувачката независност“, вели Трпевска.

Таа тврди дека сега имаме поголем проблем затоа што медиумските слободи се доведени во прашање поради постоењето на друг целосно неприфатлив финансиски механизам што ги става медиумите во спрега со политичките партии.

„Станува збор за политичкото рекламирање. ЗНМ во 2018 година објави една анализа која темелно го разоткрива и разјаснува овој проблем. Анализата јасно посочува дека политичките партии со измените во Изборниот законик усвоени во 2018 година самите си изгласаа модел што во преден план го става партиско-политичкиот над јавниот интерес и независноста на медиумите“, оценува Трпевска.

Според неа, членот 76-д од Изборниот законик, за време на изборна кампања, партиско-политичкото огласување во медиумите се надоместува со средства обезбедени од Буџетот.

„Со можноста медумите повторно да добиваат средства директно од Буџетот, разбирливо е дека тие ќе сакаат да емитуваат што повеќе партиски реклами, односно повторно се претвораат во партиско-идеолошки институции, наместо да го бранат јавниот интерес. Ова особено се однесува на најмоќните и се уште највлијателни медиуми – телевизиите“, истакнува медиумскиот експерт.

Таа потсетува дека земјите со поголема демократска традиција имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на радиото и телевизијата и за време и надвор од избори.

„Таквата забрана се образложува со аргументот дека радиодифузните медиуми имаат сè уште огромно влијание врз формирањето на јавното мислење и дека тоа во крајна линија може да доведе до искривување на плуралистичката јавна дебата“, истакнува Трпевска.

Според неа, сега имаме системско нарушување на критичката функција на највлијателните медиуми во земјата.

Досега не е спроведена ниту третата препорака на Прибе, да се создаде механизам за неплатени објави на јавниот сервис. Исклучок прават кампањите на владата објавени на јавниот сервис во врска со промоцијата на мерките за заштита против ширењето на коронавирусот.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.