Владата одлучи да не се рекламира на приватните медиуми

Владата на денешната седница ја усвои мерката од планот „3-6-9“ со која се стопираат владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди, интернет портали (со исклучок на социјалните медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис.

Оваа мерка, како што стои во соопштението од владината прес-служба, се однесува на сите органи на државната управа, а истата се препорачува и на институциите кои немаат статус на органи на државната управа, како и на единиците на локалната самоуправа.

Премиерот и министрите ја разгледале и усвоиле информацијата за потпишување на билатерален договор со Европската Унија за ко-финансирање на големиот проект за изградба на експресен пат на делница клучка Дреново – Градско, како дел од кракот 10-д на патниот коридор 10“.

На седницата е  разгледана и усвоена информацијата за потребата од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, а одлучено е и до Собранието да се достави предлог-законот за ратификација на Договорот од Париз, кој се однесува на глобалните климатски промени и емисиите на штетни гасови.

Премиерот и министрите го разгледа и годишниот извештај за работењето на Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје во 2016 година и препорача банката, во рок од 3 месеци, да изготви и да достави Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонските компании, со поконкурентни цени и услуги, како и за подобрување на условите за осигурување на извозот на македонските производи.

На седницата е разгледан Ревизорскиот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи на Централниот регистар на Република Македонија и годишна сметка за 2016 година, а Владата и препорача новото раководство на Централниот регистар да ја преиспита правната основа за одлуката на Управниот одбор на претпријатието добивката од минатата година, да ја уплати на сметката на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор. Според владата, ваквата одлука на Управниот одбор би му нанела штета на редовното работење на Централниот регистар.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.