Јавноста од денеска има можност да ги види дневните редови и заклучоците од сите седници на Владата на нејзината официјална интернет страница.
Ваквата новина Владата ја соопшти попладнево, преку својот „твитер профил“.
На интернет-страницата е додадено ново „прозорче“ – „Седници на Влада“, каде во табела се наведени датумите, дневниот ред и записниците и соопштијата од седниците со можност за преземање на материјалите.
Од денес, јавноста ќе има можност да пристапи до дневните редови и записниците на владините седници.https://t.co/NDjOgff5BV
— Влада на Македонија (@VladaMK) August 17, 2017
На страницата активни се и можат да се видат дневните редови на сите седници, функционираат и можат да се преземат сите записиници од досегашните 23 седници, освен записниците од 20. и последната 23. седница, одржана во вторникот, оваа недела, како и најголем дел од соопштенијата.
Претходната владина гарнитура, меѓудругото беше критикувана и поради штурите или немањето никакви информации од седниците, а термините на нивно одржување се чуваа во тајност, особено по инцидентот од крајот на октомври 2014 година, кога проектили со поголем калибар завршија во фасадата од зградата на Владата.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.