Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека го привела лицето што ја нападна новинарската екипа на Ал Џазира за време на вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ. Од МВР велат дека новинарката Милка Смилевска пријавила дека на улица „Македонија“ каде се одвивал протест, а таа била работно ангажирана како новинар, додека разговарала со едно од лицата кои учествувале на протестот, дошол А.И. (41) од Скопје и замавнал со рацете, при што и го бутнал микрофонот.
„А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“, се наведува во полицискиот билтен.
Осуда за вчерашниот напад на новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ дојде од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Во нивното соопштение се вели дека новинарската екипа е нападната додека ги извршувала своите професионални обврски, што е незамисливо за една демократија.
„Толеранцијата на вакви напади и спречувањето на медиумските работници да си ја вршат својата работа носи ризик тие да се повторат и да се засилат, со што не се загрозува само безбедноста на колегите, туку и елементарното право на граѓаните да бидат вистински информирани. Затоа бараме од институциите итно расветлување на инцидентот и одговорност за напаѓачите, а од партиите поголема одговорност во спречувањето на говорот на омраза и делата што произлегуваат од него“, се наведува во соопштението на СЕММ.
И од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го осудија нападот на новинарската екипа на Ал Џазира, потсетувајќи дека ваквите појави претставуваат загрозување на слободата на изразување и на правото на информирање на јавноста.
„На медиумите треба да им се обезбедат услови за професионално работење и медиумските работници во ниту еден момент не смеат да бидат попречени во вршењето на своите работни задачи“, посочуваат од АВМУ.
Осуда за вчерашниот напад дојде и од владејачката партија СДСМ.
„Слободата на изразување и непреченото работење на новинарите и медиумските работници во секое демократско општество, какво што е и во Северна Македонија се загарантирани и неповредливи. За поздравување е тоа што институциите брзо реагирале, очекуваме и соодветна казна за извршителите на нападот“, се вели во соопштението на СДСМ.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.