На вчерашниот протест во Скопје нападната екипа на Ал Џазира, осуди од ЗНМ и од ССНМ

Новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ на вчерашниот протест што го организираше ВМРО-ДПМНЕ биле нападнати и попречени во вршењето на своите професионални новинарски задачи. Додека снимале изјава за протестот со соговорник, напаѓачот најпрво ја прашал новинарката Смилевска дали е од Ал Џазира, по што ѝ го бутнал микрофонот.

„Полицијата го приведе и ќе му поднесе пријава. Јас нема да го тужам“, напиша новинарката Милка Смилевска на својот профил на Фејсбук.

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудија нападот кон новинарската екипа на Ал Џазира и побараа од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“, се вели во заедничкото соопштение на ЗНМ и ССНМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како организатор на протестот, излегоа со соопштение во кое се вели дека осудуваат секаков вид насилство и попречување на работата врз новинари. Тие ги повикаа надлежните органи да го расветлат настанот од вчерашниот протест.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.