Ангажираниот експерт од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) месецов ќе ја предаде првичната верзија на анализата за примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за правда. Во изминатиов период биле реализирани интервјуа со судии од Основниот граѓански суд во Скопје и Основниот суд во Велес, со Здружението на новинарите на Македонија, а одржан е и состанок со Советот за етика во медиумите на Македонија.
Од ова министерство појаснуваат дека реализираните интервјуа биле значајни за изработката на анализата, а било оневозможено да се одржат порано заради состојбата со корона вирусот. Откога ќе пристигне првичната верзија на анализата на експертот, Министерството за правда ќе даде свои коментари. По добивањето на анализата, во ова министерство ќе биде формирана и работната група која ќе работи на измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, а состаноците е планирано да започнат да се одржуваат во октомври.
– Во зависност од обемот на измените (она што ќе биде предложено во анализата) ќе зависи и рокот за изготвување на законот. Сепак очекуваме драфтот на законот да биде готов до крајот на годината по што би бил објавен на ЕНЕР за коментари – информираат од Министерството за правда.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изминатиов период во неколку наврати побараа процесот на донесување на измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета да почне што поскоро, бидејќи нашата земја си зела обврска да ги усвои истите уште во 2018 година.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.