СДСМ со неколку ветувања за развојот на медиумската сфера во новиот мандат

Владејачката СДСМ пред изборите на медиумските организации јавно им вети брзо формирање на новите управувачки органи на Македонската радио-телевизија и на медиумскиот регулатор во рамките на медиумските реформи.

Одговарајќи на јавно упатените прашања од страна на Здружението на новинари на Македонија и на другите новинарски и медиумски организации, СДСМ вети дека веднаш по заокружување на новото парламентарно мнозинство, целиот фокус ќе го стави на градење вистински, независен јавен радиодифузен сервис, ослободен од партиски влијанија и притисоци.

„Програмскиот совет на НРТ исто како и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ќе добие нов, професионален состав согласно новиот закон. Следува процес на избор на членови на Советот, кој ќе биде транспарентен и по строго утврдени критериуми и услови. Градиме независен, силен и професионален Програмски совет, а јавниот радиодифузен сервис, конечно ќе биде ослободен од секакво партиско и политичко влијание“, стои во одговорите на СДСМ.

Тие сметаат дека Јавниот сервис мора да биде сервис за информирање на граѓаните, со професионално раководство, кое ќе биде јавно избирано пред очите на јавноста.

Освен изборот на новите раководни органи на МРТ, СДСМ вети и избор и на органите во Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, процес што беше заглавен во Собрание поради партиските интереси на власта и опозицијата.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ цела година го кочел изборот на независен Совет на АВМУ.

„АВМУ и НРТВ ќе добијат раководства од професионалци, избрани пред цела јавност, за конечно ослободување од режимот. Процесот ќе биде отворен и транспарентен, сличен на оној при изборот на членови на Антикорупциска. ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да го кочат овој процес, бидејќи СДСМ ќе освои големо мнозинство пратеници, со што слободата ќе издоминира врз принудата“, тврдеше владејачката партија.

Во врска со прашањето за поддршката на професионалното новинарство на подолг рок, од СДСМ се фалеа дека го укинале владиното рекламирање и радиодифузната такса, а ги намалиле за 30 отсто надоместоците за дозвола за сите радиодифузери. Освен тоа, се спомнува и дистрибуцијата на 50 милиони денари за поддршка на сите национални и локални печатени медиуми, а донеле и Акциски план за борба против ширењето на лажни вести.

Во тој контекст, во новиот мандат ќе предложат создавање истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести.

Што се однесува до принципите на медиумската стратегија за независни медиуми, СДСМ се обврза дека заеднички со други чинители ќе работат на изградба на безбеден простор, каде што независните медиуми ќе се развиваат и ќе растат.

„Истовремено, продолжува помошта кон медиумите, и јакнење на медиумскиот плурализам, кој е важен за секое демократско општество. Ќе обезбедиме континуирана директна и индиректна поддршка за печатените медиуми, регионалните и локалните медиуми“, се вели во одговорите.

Исто така, се најавува олеснување на пристапот до информации од јавен карактер како зголемување на отвореноста на Владата и на институциите.

„Процесот на отчетност и транспарентност, процесот на лесно достапни информации и натаму ќе се унапредува. Секако со професионалните медиуми заедно ќе се бориме против лажните вести и дезинформации кои имаат цел да ја манипулираат јавноста“, велат во СДСМ.

Што се однесува до безбедноста на новинарите и за прекинување на политиката на неказнивост, во СДСМ велат дека имаат нулта толеранција за насилството врз новинарите и медиумските работници, која била покажана и во изминатите три години.

„Денес, за разлика од претходните 11 години, новинарите слободно пишуваат, слободно се изразуваат без да стравуваат од закани, напади и притисоци. За тоа, меѓу другото, сведочат и рангирањата на реномирани светски новинарски здруженија и организации како ‘Фридом хаус’, ‘Репортери без граници’ и други“, одговараат од СДСМ во врска со безбедноста на новинарите и додават дека се подготвени за соработка со сите засегнати страни да изнајдат решение што ќе обезбедува поголема заштита.

Според нив, изминатите три години сериозно се намалил бројот на нападите, а се зголемил бројот на откриени и завршени случаи на напади на новинари и сниматели.

Пред изборите СДСМ ветуваше дека во соработка со новинарските здруженија ќе бара најдобар модел за помош и за локалните медиуми за да се обезбеди нивната економска одржливост.

„Една од нив секако е и поддршка за плаќање на придонесите за сите медиумски работници во сите медиуми, што обезбедува помали трошоци за медиумите и поддршка за зачувување на работните места“, се истакнува во одговорите.

Одговарајќи на прашањето за колективното договарање во медиумите за почитување на основните работнички права на новинарите и медиумските работници, од СДСМ велат дека како на социјал-демократи свето начело им е јакнење и координација со синдикатите, и преку социо-економскиот совет и со директна комуникација со синдикатите.

„Владата ќе биде медијатор и ќе поттикнува секаков вид договор помеѓу новинарските здруженија, синдикатите и сопствениците на медиумите. Основните работнички права како и кај сите други, важат и во медиумите и институциите ќе бидат спремни да одговорат и нема да толерираат какво било прекршување на правата на новинарите и медиумските работници“, се обврзуваат во СДСМ.

На крај, СДСМ ќе го поддржува процесот на саморегулација на медиумите и медиумската писменост како единствен механизам за обезбедување на слободата на говорот и медиумскиот плурализам.

„Наша програмска определба е воведување на медиумската писменост, особено кај најмладата публика, преку спроведување соодветни содржини во образовните предмети во основните и средните училишта, почнувајќи од учебната 2021/2022 година и нивно редовно ажурирање во период од 2-4 години“, ветуваат во СДСМ и додаваат дека медиумската писменост ќе биде еден од носечките столбови во борбата против лажните вести и дезинформациите.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.