Недостаток на финансии, независност, човечки капацитет влијае на квалитетот на истражувачкото новинарство

Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии ги презентираа наодите од истражувањето „Значењето, присуството и свеста за критичко мислење и медиумска умешност во медиумската индустрија“, спроведено преку проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк “, кој се спроведува со поддршка од Европската Унија.

Истражувањето сеопфатно ги анализираше влијанието на состојбата на медиумите и медиумската писменост врз вештините на новинарите професионално и критички да известуваат почитувајќи ги новинарските стандарди.

Според хипотезите на истражувањето нискиот квалитет на новинарски содржини се должи на економските и политичките притисоци, на бизнис, криминални, политички и медиумски интереси, како и на нискиот економски стандард на новинарите.

„Голем дел од бизнис-заедницата не успева да ја види суштината, односно дека главната улога на медиумите е во тоа, вистинските вести да стигнат до пошироката јавност. Во нискиот квалитет на содржини игра улога хабитусот на самите новинари, особено на тие од помладата генерација, кои немаат изградено вештини преку образовниот систем,“ рече Иван Стефановски при презентацијата на истражувањето.

Причините за тоа, што атрактивноста на професијата е во постојан пад, испитаниците ја гледаат во ниските плати и лошите работни услови (74,39 проценти), недоверба кон новинарската професија (57,32 проценти), пад на новинарските стандарди и слобода (54,88 проценти), како и недоволна безбедност и заштита на новинарите при работа.

„Големиот број на онлајн медиуми се столб на независното новинарство, но голем дел од нив се препишувачи, крадачи на вести, на ширење на лажни вести, поддржуваат партии на власт и на опозицијата. Но заради овој тип на медиуми, угледот на професијата е во пад и се нема доверба во новинарите, за кои постои мислење дека одработуваат за политичка партија или бизнис,“ рече Стефановски.

На прашањето од каде потекнува најголемиот притисок врз уредниците и новинарите најголем дел од испитаниците одговориле дека тоа се политичките партии (50 проценти), бизнис заедницата (20,41 проценти), а државните институции (6,12 проценти).

Најголеми предизвици кои влијаат на квалитетот на истражувачкото новинарство во македонските медиуми, најголем дел од испитаниците сметаат дека тоа е поради недостаток на финансиски капацитети и финансиска независност, недостаток на човечки ресурси, пристап до информации од јавен карактер, закана и притисоци кон новинари, политика на автоцензура.

„56 проценти од испитаниците одговориле дека се запознаени со предлог-Акцискиот план за одлучна акција против ширење на дезинформации, а 39 проценти дека не се запознаени, но 56,32 проценти сметаат дека мерките во тој план нема да ја зајакнат медиумската писменост и ќе го намалат ширењето дезинформации, а 29,89 проценти дека ќе ја подобрат ситуацијата,“ се вели во истражувањето.

Речиси 50 проценти од испитаниците одговориле дека потребно е редовно надградување на знаењата и капацитетите на новинарите, а 45,5 процнети дека е потребно значително да се зајакне медиумската писменост кај новинарите.

Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги рече дека од агенцијата испратиле аудио-визуелни материјали, лекции за медиумска писменост во сите основни училишта, но тешко е да се мониторираат дали се вклучени во наставните програми.

„Се обидуваме да лоцираме колкава е медиумската писменост кај различни групи на граѓани. Работиме и обуки со медиумските работници, но се случува да нема доволно пријавени на работилниците поради немањето доволно кадар по медиумите,“ рече Трајкова.

Истражувањето е спроведено со комбинирање квалитативни и квантитативни истражувачки методи, преку анкетен прашалник пополнет од 101 медиумски работници.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.