Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) подготвија публикација со наслов „Подобрување на безбедноста на новинарите преку измена на кривичниот законик-анализа на меѓународни стандарди и домашна регулатива”.
Целта на анализата е да им помогне на новинарите и медиумските работници, судиите, обвинителите, адвокатите и на Министерството за правда за имплементирање на меѓународните стандарди за заштита на новинарите во Кривичниот законик (КЗ).
Со анализата се продолжуваат напорите на ЗНМ да ја подигне јавната свест за теми поврзани со безбедноста на новинарите и потенцијалната штета од воспоставената пракса на неказнивост на сторителите на дејствија насочени против новинарите и медиумските работници. Автори на публикацијата се Костадин Богданов, Иван Брешковски, Драган Секуловски.
Анализата ја нагласува важноста на КЗ, како и на Законот за кривична постапка (ЗКП) на Република Северна Македонија (РСМ) во зајакнување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку дадени коментари за постапувањето на органите на гонење без оглед дали тоа било Јавното обвинителство на РСМ, во случаите кога се постапува по пријавено кривично дело или кога постапуваат комисиите за прекршоци при Министерството за внатрешни работи во услови кога се работи за пријавени прекршоци.
Во публикацијата се заклучува дека од суштинско значење е да се изврши измена на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка со цел да се овозможи постапување на јавниот обвинител по службена должност по сите констатирани и документирани напади врз новинарите и медиумските работници, нивните семејства и права од секаков вид. Во публикацијата се напоменува дека овде се вклучени физичките напади, заканите и вознемирувањата кои се вршат додека работат на терен, преку медиумите, но и преку Интернет платформи, социјални мрежи и друг вид на електронска комуникација.
Исто така, се заклучува дека ваквите измени на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка имаат за цел за сторителите на овие кривични дела да се утврдат построги казни со кои ќе се обезбеди не само заштита на новинарите, нивните семејства и права од секаков вид, туку и би се зајакнала индивидуалната и генералната превенција.
Публикацијата „Подобрување на безбедноста на новинарите преку измена на кривичниот законик-анализа на меѓународни стандарди и домашна регулатива” може да се преземе бесплатно на македонски и албански јазик.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.