Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ја заврши последната верзија на Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Предлог-закон за АВМУ). Следниот чекор е текстот да влезе во процедура во Владата, која треба да усвои и потоа да го достави конечниот предлог-закон до Собранието.
Според Министерството, целта на предлог-законот е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис, односно Македонската радиотелевизија (МРТ), и регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
Меѓу побитните измени се тие што членовите на Советот на ААВМУ, за разлика од досега, ќе бидат професионално ангажирани во Агенцијата и ќе добиваат месечен надоместок во висина од најмногу четири просечни месечни плати исплатени во Македонија. Притоа ќе имаат петгодишен мандат, со право за избор во уште еден мандат, наспроти сегашното решение за седумгодишен мандат. Советот ќе може да покренува прекршочна постапка против медиуми или оператори на јавни електронски комуникациски мрежи.
Предлог-законот, како новост, забранува и емитување програми кои, освен загрозување националната безбедност или поттикнување на насилно уривање на уставниот поредок или на оружен конфликт, содржат дискриминација или шират нетрпеливост и омраза по која било основа.
Исто така, програмата на радијата и телевизиите во текот на еден ден ќе мора да вклучува 30 отсто програма изворно создадена како македонско дело, а за МРТ тој процент ќе изнесува 40 отсто.
Законот го поставува финансирањето на МРТ, ААВМУ и ЈП Македонска радиодифузија на од 0,7 до еден отсто од државниот буџет. Нивото од еден отсто ќе стане правило од 2021 година.
Од државните пари, 74,5 отсто ќе одат за МРТ, 19,5 за Македонска радиодифузија, а шест отсто за агенцијата. МРТ и понатаму ќе може да емитува платени комерцијални реклами.
Со предлог-законот се укинува можноста за реклами од државните тела по пат на нетранспарентни постапки и постапки со исклучоци и се оневозможува појавата Владата да биде доминантен огласувач во медиумите.
Телевизијата од јавниот радиодифузен сервис ќе има најмалку еден канал на македонски јазик, еден канал на албански јазик и еден канал за останатите националности, додека Радиото ќе мора да има два канала на македонски јазик и еден на албански јазик и на јазиците на останатите етнички заедници.
Членовите на Програмскиот совет на МРТ ќе ги именува и разрешува Собранието.
Предлог-законот е подготвен од МИОА и претставници на медиумската сфера. Како што објаснија од министерството, во него се вклучени некои од предлозите добиени преку Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР), каде претходната нацрт верзија беше објавена на 4 ноември годинава и заинтересираните во текот на 26 денови даваа свои коментари и предлози.
Процесот започна на 14 јули годинава, со првата јавна дебата. Втората беше одржана на 20 ноември.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.