Од МРТ се жалат на малку вработени и малку пари, од МИОА велат дека има превработеност и долгови

Дебата за финансирање, управување и регулирање на јавниот сервис се одржа во хотелот „Арка“, а учествуваа генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини како и претставници на Европска радиодифузна унија и еснафските здруженија.
Цветковски на дебатата рече дека на некои сектори во Македонската радио-телевизија им се заканува целосно изумирање поради актуелните политики на власта за невработување.
„За осум години, јавниот сервис останал со 187 вработени помалку, а ќе се намалуваат и во иднина доколку продолжи ваквата пракса. Од 2012 година долговите на МРТ се намалени за 15 милиони евра. Во 2020 година, поради непочитување на законски утврдената рамка, МРТ ќе работи со 13 милиони евра помалку. Државата конечно треба да одлучи преку законска регулатива дали сака да постои македонско радио или не, затоа што ние во секој момент ризикуваме програмата на Македонско радио да запре, затоа што техниката е од 1983 година. Со континуираната политика на државата и претходната власт и оваа за недавање согласности кон МРТ за нови вработувања, ние сега сме на позиција да имаме 763 вработени. МРТВ на Управата и должи 10 милиони евра а УЈП кон јавниот сервис има обврски од 33 милиони евра,“ рече Цветковски.
Власта оценува дека има превработеност и големи долгови. Заменик-министерот за информатичко општество Александар Бајдевски вели дека имале модел за поинакво финансирање на МРТ.
„Покрај процентите утврдени во буџетот во кој определивме дека МРТ може да се финансира и од дополнителни средства како што се донации, продажба на програми. МРТ има повеќе вработени од сите национални телевизии заедно,“ оцени Бајдевски.
Според Европската радиодифузна мрежа неопходно е стабилно финансирање и нови вработувања.
Според нив, независно, доволно и одржливо финансирање на МРТ како национален медиум е неопходно за исполнување на неговата надлежност. Идеален модел за финансирање нема, но укинувањето на радиодифузната такса ја оценуваат како грешка.
„Како што рече заменик-министерот, МРТ има најголем број на вработени и најнизок рејтинг во споредба со другите приватни медиуми. Мора да потсетиме дека јавните сервиси служат да ги задоволат сите потреби во општетсвото. МРТ емитува на девет јазици, има содржини за малцинставата, за децата а ова навистина чини многу пари и бара многу ресурси,“ изјави Ратка Бетчева од ЕБУ.
Борис Бергант исто така од ЕБУ оцени дека јавните сервиси може да функционираат како квалитетни и кредибилни, само доколку работат независно и далеку од политичките интереси.
Европската унија одвои средства за МРТ и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со што преку проектот на зајакнување на јавните сервиси на Западен Балкан ќе помогне во поквалитетна програма која ќе влијае врз довербата на граѓаните.
„Независноста и политичката независност секогаш во Макеоднија биле проблем, поради тоа сакам да работам овде. Финансиските ресурси се исто така проблем за јавните сервиси. Сметам дека одиме во сржта на проблемите. Заинтересирани сме да работиме во оваа област. Веќе одобривме нова програма за 2020 за помош на јавните сервиси, агенциите за аудио-визуелни медиуми,“ изјави Бертолини.
Емисите финансирани од овој проект треба да започнат до крајот на годината
Во однос на МРТ, еснафските здруженија во земјата се со став дека Владата не треба да има мислења за работата на јавниот сервис, и да пишува извештаи за тоа бидјеќи на тој начин прави притисок.Побараа да се почитува законот и да не се крати од буџетот за јавниот сервис.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.