Октомври помина, состаноците за измените во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета не се одржаа

Иако од Министерството за правда беа планирани за октомври, состаноците на Работната група што ќе работи на измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета не се одржаа месецов. Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за „Мета.мк“ велат дека состаноците во рамките на оваа работна група не се одржани, иако им било најавено дека истите ќе се случат во текот на октомври.

„Моментално не ни е познато кога ќе биде закажана првата средба и во кој состав, но неодамна ни беше укажано дека сè уште се чека на финална верзија на анализата на овој закон, која се работи од страна на независен експерт ангажиран од страна на УНОПС. ЗНМ се обрати до канцеларијата на УНОПС во Скопје со барање да ни биде доставена оваа анализа, но ни беше укажано дека откако ќе биде изработена втората верзија, истата да ја побараме од Министерството за правда“, вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.

Од Министерството за правда на почетокот на септември годинава објаснија дека токму во септември ангажираниот експерт на УНОПС ќе ја предаде првичната верзија на анализата за примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Тогаш од ова министерство за „Мета.мк“ информираа дека состаноците на Работната група е планирано да започнат да се одржуваат во октомври.

– Во зависност од обемот на измените (она што ќе биде предложено во анализата) ќе зависи и рокот за изготвување на законот. Сепак очекуваме драфтот на законот да биде готов до крајот на годината по што би бил објавен на ЕНЕР за коментари – информираа тогаш од Министерството за правда.

Од ЗНМ велат дека на состанокот со министерот за правда Бојан Маричиќ, кој неодамна се одржа, им било укажано дека според нивните планови, измените и дополните на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда ќе се донесат од страна на Собранието до крајот на 2020 година.

„Според ова, доколку навистина сакаат да се запази овој рок очекувам темпото на работа да биде забрзано бидејќи и така се доцни со носењето на овој закон повеќе од две години ако се земе во предвид дека истиот беше дел од препораките на Прибе“, вели Драган Секуловски.

Од ЗНМ и понатаму немаат увид во изработената анализа од ангажираниот експерт на УНОПС, иако е тоа побарано од ЗНМ прво од Министерството за правда, а потоа и од локалната канцеларија на УНОПС уште пред две недели.

„Сметаме дека е корисно оваа анализа да се објави во најбрзо време со цел да не се искористи доцнењето на истата како алиби на Министерство за правда за непочитување на роковите кои самите ги поставуваат“, објаснува извршниот директор на ЗНМ.

Тој додава дека доколку станува збор за помали измени особено во насока на намалување на нематеријалната штета во делот кај вина кај новинарите, одредени појаснувања во делот на теретот на докажување и кој се може да се јави како тужител како и останати специфики кои се во корист на работата на новинарите и медиумските работници, тогаш има реални шанси овие измени да бидат поздравени од новинарската заедница, а со тоа и да има предлог во декември, кој потоа ќе биде доставен во понатамошна постапка од страна на Министерството за правда како надлежен орган за овој закон.

Инаку, изработката на анализата за досегашната примена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета најпрво беше предвидено да се заврши до крајот на мај, но поради корона кризата нејзиното изготвување беше одложено за септември. Нашата земја си зеде обврска да ги усвои измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета уште во 2018 година.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.