Операторите и националните ТВ на Пендаровски ќе му ги кажат несогласувањата околу измените на Законот за АВМУ

Осмите по ред измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес се најдоа на дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието. Со измените се регулира начинот на реемитување на програмските сервиси на домашните и странските радиодифузери од страна на операторите. Законските измени всушност овозможуваат операторите да ги емитуваат телевизиските канали на начин и под услови утврдени во членот 143 од Законот, односно со регулирани авторски и сродни права со телевизиите.
Во меѓувреме, телекомските оператори денес беа на средба со претседателот Стево Пендаровски. За време на средбата, претставниците на операторите го информирале претседателот за нивните согледувања во однос на ставање во собраниска процедура на предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложен од група пратеници на 27 јануари оваа година.
„Операторите од телеком секторот на средбата ги изложија нивните аргументи, односно зошто не се согласуваат со предлoжените измени“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.
Имајќи ја предвид комплексноста на ситуацијата, претседателот Стево Пендаровски во текот на утрешниот ден ќе има средба и со претставниците на Македонска медиумска асоцијација на приватни национални телевизии со цел да биде запознаен и со нивниот аспект на согледување на состојбата, информираат од претседателскиот кабинет.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.