Операторите ќе прекинат со реемитување на сите тв канали, освен на јавниот сервис (МТВ)

Реемитувањето на сите домашни и странски телевизиски канали преку македонските оператори ќе биде прекинато, едногласно одлучи Здружението на информатичко – комуникациски технологии, каде што се обединети сите кабелски оператори. Операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал, информираат од Стопанската комора на Македонија.
Ваквата одлука на Здружението на информатичко – комуникациски технологии доаѓа по усвојувањето на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), кои Собранието на РМ ги донесе на 16 февруари 2020 година. Операторите се разочарани од донесувањето на законските измени по скратена и нетранспарентна постапка, без како што велат, претходна јавна расправа.
Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот.
„Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ – Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава“, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Македонија.
Операторите што реемитуваат телевизиска програма нагласуваат дека законските измени се неприменливи, затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите.
„Здружението на информатичко – комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност“, информираат тие.
Операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.