Османи: Медиумите имаат огромна улога во демократскиот изборен процес

Медиумите и нивната улога во изборниот процес со цел да се обезбедат предуслови за фер и демократски избори и медиумската кампања, беа темите за кои денеска разговараа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски (АВМУ) Зоран Трајчевски.
– Овие избори ќе бидат први парламентарни избори каде што ќе имаме нов начин на финансирање на кампањите на политичките партии и се разбира дека може да се појаваат работи кои се непредвидливи и нерегулирани, па затоа ги опфативме во оваа дебата сите аспекти за да имаме се помалку можни изненадувања во овој процес, односно да имаме една коректна, мирна, фер и демократска кампања – изјави Османи по посетата на АВМУ.
Според вицепремиерот за европски прашања, изборите и изборната кампања коинцидира со одлуката за започнување на преговорите, така што, тоа што ќе се случува директно ќе влијае на тоа како ќе гласаат министрите за надворешни работи и премиерите на земјите-членки во ЕУ за започнување на преговорите.
– Фактот дека бројот на прекршоци од страна на медиумите во изборните процеси со секој изборен циклус се намалува се повеќе и повеќе па дури се сведува и на нула во одредени периоди е навистина знак на зрелост и на медиумскиот простор, но и на општеството во целина и на улогата и на регулаторот во оваа фаза – рече Османи.
Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски изјави дека Агенцијата е подготвена, и од технички, кадровски и административен аспект да ги спроведе своите активности за време на претстојните избори.
– Ние сме подготвени, како и во претходните изборни циклуси, да го дадеме максимумот. Гарантираме дека ќе го дадеме максимумот и дека спроведувањето на Изборниот законик од страна на Агенцијата ќе биде на највисоко ниво, дека тоа така ќе биде забележано и во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР и на сите набљудувачи- рече Трајчевски.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.