По новите напади врз новинарката Бурнс, ССНМ вели дека е време тие да се третираат по службена должност

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудува онлајн нападите и заканите по безбедноста на новинарката Мирослава Бурнс.

Бурнс вчера пријавила до ССНМ низа онлајн напади преку социјалната мрежа Фејсбук, кои се закана по нејзината безбедност, а следувале по нејзиното објавување на текст за организирање свадба во ресторан во Тетово, што е спротивно за законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19.

„Напоменуваме дека објавувањето на вакви престапи со кои се загрозува јавното здравје е од јавен интерес и новинарите и медиумските работници не смеат да бидат цел на какви било напади и закани поради својата работа. Истовремено, ја поздравуваме брзата реакција на полицијата да преземе дејствија за заштита на новинарката на Слободен печат, која по пријавувањето на заканите во полиција доби 24 часовна заштита“, се вели во соопштението на ССНМ.

Од ССНМ подвлекуваат дека овој случај е типична потврда дека нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице, односно институциите да бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија.

„ССНМ во партнерство со ЗНМ веќе неколку години ја застапува иницијативата за промена на Кривичниот закон според кој нападите врз новинарите ќе бидат третирани како напад врз службено лице. Очекуваме дека по овој случај, и по низата други кои само оваа година ги регистрираше ССНМ, итно да се пристапи кон овие законски измени. Крајно време е да се заштити новинарската професија како една од клучните професии за штитење на јавниот интерес“, потенцираат од ССНМ

Од Синдикатот се надеваат дека на новите Собрание и влада, ваквите законски измени ќе им бидат приоритетни по нивното формирање.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.