ААВМУ: Комерцијалните телевизии акцентот во известувањето за изборите го ставија врз коалициите Можеме и Обнова

Ниту една од комерцијалните телевизии не успеа целосно да го спроведе принципот за известување пропорционално на бројот на потврдени кандидатски листи и интензитетот на кампањата, за време на предвремените парламентарни избори.

Ова е еден од клучните наоди во Извештајот за мониторингот над известувањето на комерцијалните телевизии во периодот од 24 јуни до 12 јули 2020 година, од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми (ААВМУ).

Од ААВМУ констатирале дека некои од телевизиите направиле напори да известуваат за поголем број од учесниците во кампањата, некои пак се концентрирале на само неколку од нив.

Во Извештајот се потенцира дека „фактите (бројките) покажуваат дека акцентот во известувањето го ставиле врз петте учесници во изборната кампања коишто произлегуваат од последниот парламентарен состав и ги занемариле останатите десет вонпарламентарни субјекти (во некои случаи без да им доделат ниту секунда во вестите).“

„Со ова, медиумите донеле уредничка одлука да им ја одземат на своите гледачи информацијата за целовитоста на изборната понуда и опциите за гласање и да известуваат и за вонпарламентарните учесници во кампањата, но притоа да се концентрираат на тоа да постигнат временски баланс меѓу двете најголеми коалиции – Можеме во која како најголеми субјекти влегуваа СДСМ и Движењето Беса, и Обнова на Македонија, којашто беше предводена од ВМРО ДПМНЕ,“ пишува во Извештајот.

За телевизија Алсат-М од АВМУ велат дека во централната дневно-информативна емисија со различно одвоено време известувала само за активностите на неколку учесници во изборниот процес.

„Најзастапена беше ДУИ со време речиси колку за коалициите Можеме и Обнова на Македонија, заедно. Меѓутоа во голем дел од одвоеното време контекстот беше негативен за ДУИ. Телевизијата воопшто не информираше за активностите на вонпарламентарните политички партии, со што ѝ ја ускрати на својата публика можноста да се запознае со овој дел од изборната понуда. Оттаму, ТВ Алсат-М не обезбеди избалансирано покривање на изборниот процес во дневно-информативните емисии според барањата од Изборниот законик, односно во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи. Телевизијата не успеа да обезбеди баланс ниту во посебните информативни емисии. Во интервјуата им отстапи простор само на партиите и коалициите кои беа дел од претходниот парламентарен состав, со исклучок на ДПА,“ се вели во Извештајот.

Во најголем дел од анализираните прилози во дневно-информативната емисија на телевизија Алфа, Коалицијата Можеме била временски најзастапена. Помалку време добиле другите учесници.

„Опфатот на субјекти чии активности беа покриени во вестите и одвоеното време за нив не беа во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи. Во реализацијата на посебните информативни емисии, според укажувањето на новинарите и на уредниците во повеќе наврати, телевизијата се обидела, но била оневозможена да обезбеди избалансирано покривање на изборниот процес почитувајќи го принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници, согласно член 75-а став 1, бидејќи претставниците на Коалицијата Можеме ги игнорирале поканите за учество во емисиите. Имаше повеќе гостувања на претставници на Коалицијата за Обнова на Македонија, а не беше обезбеден простор за поголем број учесници во изборната кампања,“ се вели во Извештајот.

Според Извештајот на ААВМУ, телевизија Канал 5 се концентрирала на активностите на двете и приближно еднакво ги следела нивните изборни кампањи и секојдневни активности

„Телевизијата известуваше неутрално. Се обиде да извести за активностите на поголем број учесници во изборната кампања, но распределбата на времето не ја направи според принципот на пропорционалност од Изборниот законик. Во посебните информативни емисии најмногу учествуваа претставници на коалициите Можеме и Обнова на Македонија. Во неколку од дебатните емисии гостуваа и претставници на вонпарламентарните партии,“ се вели во Извештајот.

За телевизија Сител мониторингот констатирал дека исто така била фокусирана на активностите на двете коалиции и обезбедила квантитативен и квалитативен баланс при известувањето.

„Предизборните активности на партијата ДУИ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива беа покриени во посебни прилози, а често беа и сумирани во еден прилог. Известувањето за активностите на вонпарламентарните партии беше со мал обем и покриено со трет сет прилози. Иако направи обид да информира за активностите на поголем број од учесниците во изборниот процес, телевизијата не го распредели времето во вестите во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи,“ се вели во Извештајот.

Телевизија Телма, исто така најголем дел од времето за активностите на политичките субјекти кои што учествуваа во изборната трка, било одвоено за двете коалиции, со безмалку идентични времиња и еднаков третман.

„Телевизијата информираше и за активностите поврзани со изборите на три од четирите политички субјекти коишто учествуваа во изборната трка со поднесени листи со кандидати за пратеници во пет изборни единици. Телевизија Телма известуваше со неутрален тон и за поголем број учесници во изборите. Распределбата на времето во вестите беше со помали разлики меѓу субјектите, но сепак, не сосема во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на кандидатски листи,“ се вели во Извештајот.

Во него се додава дека телевизија Телма, преку посебните информативни емисии, настојувала да им обезбеди на гледачите подобар увид во изборните понуди на учесниците во изборната кампања, како и подлабок аналитички контекст.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.