Расте бројот на неодговорени и одбиени барања за пристап до информации од јавен карактер (инфографик)

Лани пораснал бројот на неодговорени, одбиени и пренесени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на институциите, покажува Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за 2019 година. Правните и физичките лица лани поднеле вкупно 8.752 вакви барања, и тоа најчесто до државните институции, општините, судската власт и здравствените установи.

 


Од нив, имателите на информации одговориле позитивно на 8.299 барања, додека 163 барања ги одбиле. 283 барања за пристап до информации од јавен карактер останале неодговорени, додека во 7 случаи истите биле пренесени. Она што е негативно е бројката на неодговорени, одбиени и пренесени барања, која што се зголемила во споредба со 2018 година. Лани тие биле вкупно 453 на број, за разлика од 308 барања на кои не се одговорило, се одбиле или биле пренесени во 2018 година. Воедно, треба да се посочи дека до институциите во 2018 година биле доставени вкупно 9.423 барања, односно за 671 повеќе во споредба со минатата година.

 

Загрижувачки е порастот на одбиените и неодговорени барања од институциите минатата година и ако се направи споредба со нивниот број во целата измината деценија. Поголем број на случаи на недавање информации од институциите имало само во 2017 година, кога 598 барања до имателите на информации останале неодговорени, одбиени или пренесени.

Најголем дел од ланските барања поднесени до институциите биле од физички лица, здруженија на граѓани и фондации.

„Доминантни се барањата на информации поврзани со располагањето со буџетски и донаторски средства, конкретни тендерски постапки, спроведени јавни набавки и е-аукции, барања во врска со назначувањето и остварените приходи на одделни членови на управни и надзорни одбори и комисии, спроведени постапки за отворање на нови работни места на одредено и неодредено време, вкупен број на странски компании корисници на државна помош, како и списоци со корисници на финансиска поддршка кои во управувачката структура имаат носители на јавна функција“, се вели во Годишниот извештај на Агенцијата за 2019 година.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер посочуваат дека лани 1.257 иматели на информации, односно 83,29 отсто од нивниот вкупен број, биле транспарентни и ги доставиле годишните извештаи во кои се наведува имплементацијата од нивна страна на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Службените лица задолжени за имплементација на Законот кај 210 институции, или кај 16,71 отсто од имателите внесени во Листата, во предвидениот рок не доставија годишни извештаи, па за овие институции не може да се утврди дали имало поднесени барања согласно законот и како било постапено по нив“, потенцираат од Агенцијата.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.