Ревизорите бараат од МИА систематизирани работни места со утврдени задачи и контрола на авторските договори

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во објавениот Ревизорски извештај изразува мислење со резерва во однос на вистинитото и објективно прикажување на финансиските извештаи на Македонската информативна агенција (МИА) за 2018 година и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Ревизорите констатирале слабости во воспоставениот систем на внатрешни контроли кај благајничкото работење и процесот на пресметка и исплата на плати, несоодветно систематизирани работни места, без утврдени работни активности, како и пополнетост на дел од истите без исполнување на предвидените квалификации.

„Пет лица не ги исполнуваат условите за работното место на кое се распоредени“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Тие констатирале дека кај дел од систематизираните работни места предвидени се идентични работни задачи, иако истите биле класифицирани со различен степен на сложеност на работата и со различни бодови за плата.

„Од вкупно 136 систематизирани работни места, предвидени се општи квалификации, при што кај 45 работни места како потребно занимање е назначено – „сите занимања“, кај 68 работни места „новинар“ а во делот на потребни квалификации е наведен само степенот на образование (VII/1 или IV степен стручна спрема)“, констатирале ревизорите.

Ревизорите укажуваат во извештајот дека пописот на побарувањата на МИА не е во целост согласно законската регулатива и даваат препорака да се изврши целосен попис за финансиските побарувања од нивните купувачи.

Воедно, ДЗР утврдил дека нецелосно се постапува по одредбите од договорите за новинарски и дописнички услуги од страна на авторската агенција, во однос на доставување на доказ за извршена пресметка и исплата на средства за извршените услуги, препорачувајќи му на раководството на МИА да изврши контрола на реализацијата на авторските договори.

Како клучна системска слабост за работењето на државната новинска агенција, ревизорите ја утврдиле потребата од доуредување на основот и начинот на финансирање на МИА од државниот буџет.

Раководството на МИА до ДЗР доставило одговор за дел од констатациите на ревизорите во изготвениот Нацрт извештај за извршената ревизија за 2018 година. Управниот одбор на МИА на почетокот од март годинава ја усвоил процедурата за процесот на подготовка, пресметка и исплата на платите на вработените, со ветување дека започнатите активности за донесување на нови акти за внатрешна организација и систематизација ќе се постапи во рок од 4 месеци.

Раководството на новинската агенција на почетокот од февруари годинава го склучило колективниот договор со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со кој, меѓу другото, ќе се постапи и за донесување на новите акти за организација и систематизација на работните места.

МИА воспоставила проверка и контрола на фактурите за надоместоците за авторските договори, а во 2019 година бил извршен и попис на побарувањата во целост. Кон средината на февруари годинава бил извршен и отпис на застарените финансиски побарувања.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.