Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), порача дека, најблаго кажано, е згрозен од нападите, навредите и клеветите изнесени на порталот „ДоказМ.мк“ кон новинарката Мирослава Бурнс.
„Згрозени сме од речникот употребен во текстовите на овој портал, кој ниту во најблага варијанта не може да се смета за соодветен во јавниот дискурс, а особено сме згрозени од сексистичките навреди и клевети, дури и навреди што задираат во приватниот живот на „метата“ на нападот. Било какви клевети и навреди од овој тип се неприфатливи, а особено се неприфатливи во јавната дебата, односно кога се појавуваат како реакција на еден професионално изработен и реализиран текст на нашата колешка. Сметаме дека треба да се стави крај на времето кога на факти и аргументи се одговора со лични дисквалификации, а во случајов тоа е кренато на ниво, не на „уличарски“ јазик, туку на монструозни конструкции кои ни оддалеку не се во допир со текстот на кој се реагира,“ се вели во соопштението на ССНМ.
Од таму сметаат дека е време и дека е важно да се солидаризираме во една општа и општествена осуда на овој начин на „полемизирање“ без аргументи, а исклучиво со монструозни навреди и клевети.
„Ова го потенцираме и од аспект дека порталот „ДоказМ“, како што може да се види на неговиот сајт, е поддржан со рекламни и пропагандни објави на наши реномирани компании. На овој начин излегува и дека еден дел од важните македонски стопански субјекти поддржува ваков дискурс на јавна расправа.Ја поддржуваме колешката Мирослава Бурнс и ја охрабруваме да ја побара својата сатисфакција по судски пат,“ додаваат од ССНМ.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.