ЗНМ бара Али Ахмети како претседател на владејачката ДУИ да престане со етикетирање на новинари

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува етикетирањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети кон новинарот на онлајн медиумот „In7.tv“, Албрим Хоџа. По вчерашната лидерска средба, Ахмети даде изјава за медиумите и по новинарското прашање на Хоџа, тој го обвини новинарот дека бил „зачинет“.

„Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Од ЗНМ потсетуваат дека на оваа изјава на Али Ахмети кон истиот новинар неодамна му претходело повикување на информативен разговор во полициската станица во Струга, каде новинарот бил распрашуван за неговите извори на информации што претставува обид за заплашување.

„Го потсетуваме Ахмети дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, велат од ЗНМ.

Од ЗНМ велат дека вчерашниот случај не е прв, во кој претставници на партијата ДУИ непримерно се однесуваат кон новинари и затоа ЗНМ ќе ги информира сите релевантни домашни и меѓународни организации за овој, како и за претходните случаи.

„Политичките партии сериозно да поработат на односот што го имаат со новинарите, бидејќи токму тие се главната причина за слабото рангирање на земјата на светските индекси за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.