Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осудуваат одлуката на работодавецот „Нет медиа Груп Доел“ кој што ги поседува интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ да отпушти најмалку петмина новинари, дел вработени на определено, а на дел да им ги прекине хонорарните договори.
„Иако овој чекор се образложува со кризата предизвикана од коронавирусот отпуштањето на новинари треба да стаса последно, со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба. Ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најавија сет на мерки за медиумите кои меѓу другото се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки“, се вели во соопштението.
ССНМ и ЗНМ апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата.
„Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат“, се додава во соопштението.
Од ЗНМ и ССНМ се децидни дека овој пример лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите. Воедно, тие стравуваат дека овој случај може да предизвика „домино ефект“ и негативно да охрабри и други медиуми да се одлучат на ваков чекор.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.