Стејт департмент: Владата постигна напредок во почитувањето на слободата на медиумите

Американскиот Стејт департмент во Годишниот извештај за човековите права во Македонија за 2019 година нагласува дека владата лани постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава. Сепак, Стејт департментот констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари. Независноста на медиумите е окарактеризирана како мала.

Стејт департментот за состојбата со медиумите во Македонија ги цитира објавените извештаи на Фридом Хаус и на Европската комисија. Посебен акцент во извештајот за 2019 година се става на финансирањето на платеното политичко рекламирање во медиумите преку државниот буџет.

„До септември, владата не презела мерки во однос на отвореното писмо од јули 2018 година од засегнатите страни во медиумската заедница, во кое се изразува загриженост за законските измени во Изборниот законик, кои стапија на сила истиот месец, а кои дозволуваат пари од даночните обврзници да се користат за политичките кампањи во комерцијалните медиуми“, се наведува во Извештајот на Стејт департментот.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) во јули 2018 година реагираа со отворено писмо, во кое се спротивставија платеното политичко рекламирање за време на изборни кампањи да се финансира со јавните пари од граѓаните.

Стејт департментот посочува дека во 2019 година медиумите и нивното известување биле во голема мерка поделени по политичка основа, но бројот на независните медиумски гласови продолжил да расте. Како позитивна активност, во Годишниот извештај е наведено и формирањето на Националната мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите.

Во Годишниот извештај на Стејт департментот е посочено дека лани имало неколку пријавени случаи на закани и вознемирувања врз новинари. Нотирано во извештајот е дека не е забележан напредок кај истрагата на Основното јавно обвинителство во врска со жалбата на поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани во однос на добиените закани кон него и членови на неговото семејство од индивидуа поврзана со партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Вклучен во извештајот на Стејт департментот е и настанот од 16 април, кога новинари кои известувале за состојбата со лошата инфраструктура во Арачиново добиле закани и вербални напади од поединци, за кои тогаш се посочи дека биле поврзани со градоначалничката Миликије Халими.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.