Ванхауте: Разочарувачки малубројни се реформите во медиумите

 

Некогашниот главен медијатор помеѓу политичките партии во земјата за време на т.н. „Пржински процес“, кој доведе до т.н. Договор од Пржино, Петер Ванауте, деновиве престојуваше во Скопје. Неговото присуство го искористивме да поразговараме за дел од пржинскиот процес, реформите во медиумскиот сектор и како тој гледа на нив во моментов

 

Разговарал: Теофил Блажевски

 

– Дали сте запознаат со текот на реформите во медиумите во изминатите три години и како ги оценувате споредено со препораките од Итните реформски приоритeти според документот на ЕУ изработен од експертската група под раководство на Рајнхард Прибе?

П. Ванхауте: Постои некој прогрес, главно на ниво на законите, што е, се разбира, првиот чекор. Фактот дека насилствата врз новинарите се намалени е важен чекор напред, бидејќи тоа е индикатор дека на новинарите, конечно, им е овозможено да ја извршуваат својата задача на професионален начин, без закани. Сепак, постојат уште многу нерешени случаи од минатото, кои што треба да бидат разрешени од правосудството.

Покрај ова, разочарувачки е колку малку од Итните реформски приоритети поврзани со медиумите беа имплементирани. На пример, случајот со МРТ. Иако тие сега имаат повеќе пари на располагање, сè уште чекаме да видиме ефективна реформа во организациона смилсла и во уредувачката политика. Има потреба да се воведе модерен менаџмент и да им се понуди на новинарите дополнителна поддршка и тренинзи, исто како што е неопходна и нивна независност за да се обезбеди вискоквалитетна содржина, критичко и балансирано известување.

Покрај МРТ може да зборуваме за уште нерешени прашања, како што е потребата за зголемување на независноста на новинарите во рамките на нивните редакции и, се разбира, прашањето на владиното рекламирање, кое во пресрет на предвремените избори оди во погрешна насока.

Се чини дека постои малку разбирање за тоа како да се решат ефективно овие прашања. Пишување закони е една работа, но многу поважно е да се решаваат проблемите со кои се занимавате. За таа цел Владата треба да развие јасни политики и акциски планови со прецизни рокови, со цел, чекор по чекор, нерешените прашања да ги затвори. Ова не е прашање на измени и дополнувања на законите туку на здрав разум и добро управување од страна на Владата.

– Колкаво е значењето на еден силен јавен сервис за демократските процеси во едно општество, а посебно за тековниот проблем со растот на дезинформациите, генерално и во Европа и во земјите од Југоисточна Европа меѓу кои и Северна Македонија?

П. Ванхaуте: Во многу земји од ЕУ јавните сервиси играат клучна улога во обезбедуање квалитетни информации за граѓаните на непристрасен професионален начин. За граѓаните јавниот сервис е најдоверливиот начин за да дојдат до објективна информација. Поставувањата на вакви стандарди создава влијание врз другите радиодифузери и ова не смее да се потценува.

Улогата на јавниот сервис е, исто така, неверојатно важна во поглед на борбата против дезинформациите и непроверените гласини, бидејќи тоа е единствениот ефективен начин.

Во борбата за развој на професионални, вискоквалитетни и непристрасни медиуми МРТ треба да има централна улога. Јавниот сервис треба да биде оној што ќе го подобри целиот медиумски пејсаж. Обезбедувањето повеќе финансиски ресурси – до 1 отсто од државниот буџет – е првиот чекор. Следниот треба да биде воведување модерен менаџмент кој ќе се фокусира на најдобрите практики и на вработување на најквалитетните новинари што може да ги добие на пазарот – мотивирани професионалци кои ќе бидат горди со фактот дека можат да бидат дел од абициозниот план МРТ да се издигне на врвот меѓу радиодифузерите, не само тука, туку и во регионот. МРТ не треба да биде медиум кој ќе биде одраз на минатото, туку да има клучна улога во функционирањето на демократијата во земјата.

 

СИСТЕМОТ НА КОМИСИИ/АГЕНЦИИ…, НЕ Е ЕФИКАСЕН

– Во поглед на слободата на пристапот до информации од јавен карактер направен е чекор напред – има нов закон кој што стапи во сила пред неколку дена. Меѓутоа, вторстепеното тело за заштита на правото за граѓаните и медиумите да го користат овој законски пристап, идната Агенција за заштита на ова право, не е формирана, ниту има назнака дека ќе се формира, а постојната Комисија не е функционална.  Дали вие имате впечаток дека со ова реформата оди во вистински правец и брзина или, пак, станува збор за лицемерие во политиката кај оние што носат одлуки?

П. Ванхауте: Мислам дека постои проблем со моменталниот пристап. Честопати се мисли дека само со изгласување на законите ние можеме да ги чекираме како позитивни барањата за реформи од ЕУ. Но, ова е далеку од доволно. Законот може да биде прекрасен прв чекор, но вниманието треба да се насочи на сè што се случува по неговото носење и како тој се имплементира.

Јас сум, исто така, се повеќе скептичен кон дузината комисии и агенции што се формираат со цел да ги решаваат проблемите и да бидат чувари на примената на основните права на граѓаните. Ваквиот концепт доаѓа од Европа каде што либерализмот резултираше со приватизација на голем број институции што беа владини, што е мошне дискутабилно прашање, не е во интерес на граѓаните и сè на сè, премногу е скапо кога ќе се погледне ефективноста.

Дополнителен проблем тука во Северна Македонија е што многу често членовите на ваквите тела се избираат во Собранието, што доведува до зголемено ниво на политизација наместо таа да се намали, особено за прашања што бараат двотретинска согласност

Тоа го става парламентот во улога на извршна власт, што, пак, е во спротивност со основниот принцип на поделба на власта, Влада-Собрание-Судство и ја прави невозможна ефективната контрола врз тие институции. Контролата во прв ред треба да биде спроведувана од Парламентот. Граѓанското општество и првата задача на медиумите е да бидат чувари на демократијата и да ги алармираат граѓаните кога ќе се појави дисфункционалност на системот.

Знам од искуство дека реформирање на политизирана администрација не е лесно, но не треба да се откажеме од амбицијата да создадеме функционална држава, вклучувајќи и државна служба која што може да биде модел за демократски систем во регионот.

 

ДРЖАВНИ ПАРИ И МЕДИУМИ Е ОПАСНА РАБОТА

-Што мислите за јавните пари во медиумите? Претходната извршна власт трошеше големи јавни пари, милионски суми за рекламирање на владините политики (дури 38 милиони евра од кои 24 директно во медиумите за период 2008-2015 г). Оваа власт тоа декларативно го забрани, но повторно се трошат големи јавни пари на два начини – субвениции за печатените медиуми (лани 800 наредната година над 900 илјади евра) и буџетски пари за следење на изборните кампањи или за референдумски прашања, преку ДИК (околу 4 милиони евра само за претседателските избори во 2019 г.) или преку Собранието (околу 1 милион евра за референдумот 2018 г.). Како ќе го коментирате ова прашање, т.е. ваквите бројки?

П. Ванхауте: Трошењето државни пари за медиуми е многу опасна практика ако не е добро регулирана и контролирана. Се разбира дека практиките од минатото треба да се имаат предвид. Да речеме јас сум министер кој се занимава со загадувањето на воздухот и кој започнал многу скапа кампања во медиумите платена од буџетот. Овие медиуми платени за кампањата против аеро загадувањето, кога ќе дојдат изборите, ќе водат кампања за мојот реизбор. И нема да треба да им платам или ќе им платам нешто ситно, бидејќи тие веќе примиле пари од претходната кампања.

Ваквите практики може лесно да бидат декетирани од Државниот завод за ревизија, бидејќи тие имаат алатки и механизми да ги споредат трошењата и цените. Но, тие можат само да напишат извештај и да известат. Другите чинители, како што се Јавното обвинителство и Собранието се тие кои треба да дејствуваат и да истражат дали било нешто нелегално.

Што се однесува до печатените медиуми, сите ние знаеме дека тие се под голем притисок од интерент медиумите. Ова е светски проблем. Субвенциите на печатените медиуми нема да им помогнат да преживеат. Сите тие треба да конвергираат кон он-лајн медиуми и нивното постоење е оправдано само во фазата на таа транзација. Ова е економската реалност со која мора да се соочиме. Оттука, субвенциите за печатените медиуми не се ефективна мерка. Од минатото можеме да научиме дека со субвенциите за печатените медиуми партиите многу често се обидуваат да ја купат нивната наклонетост која се оцртува во што повеќе позитивни уводници, или насловни стории за време на изборните кампањи. Многу е важно да го избегнеме ова и дури да го избегнеме впечатокот дека можеби такво нешто се случува или може да се случи.

Наместо ова, Владата треба да се фокусира во своите напори кон сите медиуми во насока тие да ги интегрираат он-лајн медиумите и новите технологии. Наместо финансиска поткрепа кон одделни сегменти на медиумската сцена, треба да се поддржат сите медиуми, на пример со намалувањето на ДДВ-то и на сите други давачки.

За следење на изборните кампањи или референдуми, најпрвин треба да се избегне секаква можност од појава на судир на интереси при алоцирањето на парите. Не верувам дека со трошење на повеќе пари за покривање на изборите ќе добиеме подобри резултати или дека луѓето нема ги кршат правилата.

Мислам дека од основна важност е да се преотворат дебатите за тоа како да се избегнат евентуалните проблеми во изборниот процес и како да се воспостави ефективен систем на мониторинг кој ќе се потпира врз постоечките механизми за надзор кои се веќе платени.

Тековните механизми за следење на изборните кампањи се премногу високи за целите за кои се наменети. Треба да се направат внимателни анализи на целиот процес на распределба на парите за да се избегне и најмал впечаток дека во позадина постои скриена агенда.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.