Од вкупниот буџет на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во износ од 1,52 милијарди денари, дури 1,2 милијарди денари (односно 19,5 милиони евра) се наменети за МРТ, МРД и АВМУ, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска, на прес конференцијата за буџетот на министерството за следната година.
Тој најави дека фокусот следната година е дигиталната трансформација на административните процеси и услуги, како дел на реформата на јавната администрација и дигитализацијата.
За дигитализацијата на клучните регистри за граѓаните и бизнисите следната година ќе се потрошат 4,5 милиони евра и ќе се развиваат 120 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.
Манчевски го спомена и модернизирањето на системот за електронско управување со документи., со кој од следната година 5.000 административни службеници во најмалку 20 институции ќе работат на единствен систем за електронско управување со документи.
-Со ова решение, институциите ќе може да добиваат електронски или хартиени документи, а преку ДМС системот истите во електронска форма ќе бидат доставени до надлежниот службеник. Размената на документите меѓу институциите ќе биде електронска и во реално време преку ДМС системот кој ќе овозможи безбедно чување и достава на документите. Можноста од фалсификати и злоупотреба на документи е елиминирана – рече Манчевски.
Во тек е реализација на проектот кој предвидува воспоставување и опремување на Центри за услуги, брендирани како „Една точка за услуги“, со што ќе им се овозможи на граѓаните на едно место да добијат услуги и информации од различни државни и јавни институции.
Во завршна фаза се и првите три вакви центри – во Тетово, Куманово и Охрид, наскоро ќе биде готова и канцеларијата во Битола, а се работи и на трансформација на канцеларијата во Скопје.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.