По расправијата со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вчера Владата се објаснуваше и со кабелските оператори за тоа што точно мислел министерот за комуникации и отчетност, Роберт Поповски, кога во петокот зборуваше за кршење на авторските права.
Асоцијацијата на кабелски оператори АКО и Стопанската интересна заедница на оператори на кабелската мрежа МК НЕТ вчера преку соопштение наведоа дека се неточни наводите на министерот Поповски дека не се почитуваат авторските права од страна на кабелските оператори и дека тие ги лажат своите претплатници.
„Зачудувачки е фактот во 21 век еден министер да изнесува факти и наводи коисе целосно невистините, неаргументирани и непоткрепени со факти и докази, да ја лаже и замајува јавноста со такви навредливи и паушални изјави и да оцрнува една цела фела која со децении наназад градела доверба кај своите претплатници“, порачаа организациите.
Според нив, од Македонија се одлеваат огромни милионски суми во странство, токму за надоместоци за авторските права кон странските ТВ канали и доколку министерот направел соодветна анализа на состојбите со авторските права, ќе знаел дека во моментот не се води ниту една кривична постапка за пиратерија против ниту еден кабелски оператор, ниту пак се води каква било прекршочна постапка за реемитување без договор на некаков ТВ канал против некој кабелски оператор.
Владата реагираше со соопштение, во кое вели дека Поповски во своето обраќање на јавната дискусија „Агенда за транспарентност на Влада на РМ“, јасно нагласил дека почитувањето на авторските права ќе важи подеднакво, како за домашните, така и за меѓународните субјекти.
„Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, во текот на неговото излагање на јавната дискусија говореше генерално за непочитување на авторските права во Република Македонија и не посочи конкретно ниту еден субјект или организација“, вели Владата.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.