Реформите во медиумската сфера течат, но со различно темпо и квалитет во различните сектори, беше истакнато на денешната презентација на вториот периодичен извештај во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“, Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Овој извештај кој се однесува на периодот од 1 октомври до 31 декември 2017 година на четирите столба на на итните реформски приоритети ги утврди следните клучни наоди: реформи во јавниот радиодифузен сервис – започнато, но неисполнето, владините реклами – делумно исполнето, пристапот до информации од јавен карактер – делумно исполнето, и клевета и навреда – целосно неисполнето.
За јавниот радиодифузен сервис беше констатирано дека промените во медиумската легислатива (укинувањето на радиодифузната такса) со кои се утврдува финансиската стабилност на јавниот радиодифузер се само дел од потребните реформи и ќе доведат до драстично ограничување на неговиот буџет. Дополнително, недостигот од соодветен кадар за новиот, четврт, ТВ-канал и за редакциите на етничките заедници ќе ги зголеми финансиските побарувања при вака ограничениот буџет на МРТ.
Во однос на владино рекламирање, во извештајот се вели дека откако ги укина своите реклами на домашните медиуми и најави дека понатамошната комуникација со јавноста ќе ја врши преку јавниот сервис и социјалните мрежи, „Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи“.
За пристапот до информации е констатирано дела владата обезбедила бесплатен пристап за новинари до податоци од две институции иматели на бази на податоци од јавен интерес и започнала консултации за измена и дополнување на Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Во врска со клеветата и навредата, набљудувањето покажало дека во оваа област нема никакви промени и поместувања, како и дека не е преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и на процедуралните правила со цел да се усогласат со практиката на Европскиот суд за човекови права. Владата нема објавено мерки за поддршка на механизмите на саморегулација, ниту е почната координација со стручната јавност во оваа насока.
Наодите од извештајот ги презентираше Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, за методологијата говореше Фисник Шабани од „Агора“, а Кристина Озимец од ПИНА-платформа за истражувачко новинарство и анализи, од новинарски агол ги престави промените и проблемите во работата на новинарите и начините за нивно надминување.
Опсерваторијата на медиумските реформи ќе продолжи со следењето на исполнувањето на Итните реформски приоритети и во наредниот период, презентирајќи ги резултатите во форма на периодични извештаи, вести и истражувачки стории. Сите резултати од следењето се достапни на македонски и албански јазик на веб-локацијата MediaObservatorium.mk.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.